Мицкоски: Заев е мафијаш и нема да се спаси од паѓање од власт

Зоран Заев и Христијан Мицкоски / Фото: Архива на „Слободен печат“

Откако пратениците од владејачкото мнозинство демонстрираа единство и со 62 гласа изгласаа доверба на Владата, се јави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Тој на својот Фејсбук профил напиша дека со денешната собраниска седница била ускретена јавната дебата и дека Заев нема да се спаси од паѓање од власта.

– Нема човек кој е задоволен од оваа Влада и затоа сите граѓани со мачнина го гледаат ова денешно препелкање на Заев во Собранието. Јас ќе речам, бидете спокојни. Најдоброто за нашата земја допрва доаѓа. Заев е мафијаш, тоа е дел од неговиот карактер. Тоа што на мала врата на сила протуркува во Собрание гласање за недоверба на Владата, ограничувајќи ја јавната дебата никако не е израз на неговата сила, туку е доказ за неговата огромна слабост, но и недоверба во мнозинството кое многу лесно ќе го загуби.
Тоа што ја користи состојбата на мојата изолација поради заразата со ковид вирусот, сакам да знаете дека не го спасува од паѓање на Владата. Вака ќе купи уште некој ден живот на Владата приклучена на апарати за дишење, но исто како и мојата ковид зараза тие денови ќе поминат. А тогаш повторно ќе се постави прашањето за доверба на Владата, при што сите негови актуелни закани, уценувања и притисоци врз пратеници ќе паднат во вода, и ден потоа Заев нема да биде премиер. Се гледаме наскоро!, напиша Мицкоски на Фејсбук

На денешната седница опозицијата не присуствуваше на гласањето, иако подолго време бараа оставка од владата.
Усното барање за доверба на Владата е согласно Уставот и собранискиот деловник.

– Ред е да се соочиме и расчистиме, да го видиме на дело толку најавуваното мнозинство од опозицијата која наводно ќе ја падне оваа влада. Ова е моментот кога ќе покажеме пред граѓаните колку има вистина од опoзицијата. Да видиме за што станува збор – стабилна власт со стабилно мнозинство или разнишана опoзиција. Мора да е едното од двете, ако не и двете заедно, рече Заев.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ веќе половина година најавува ново собраниско мнозинство. Заев ваквите најави ги нарече дезинформации и обид за нова нестабилност.

– Само поради внатрепартиски цели во ВМРО-ДПМНЕ упорно се пласираат лаги со цел да се да се создаде перцепција на несигурност кај граѓаните, на неизвесност за економијата. Сепак, како и секогаш, вистината е најсилното оружје против лагите, лажните вести и невистините. Парламентарното мнозинство, јас, владата и коалицијата нема да дозволиме неизвесност, незигурност, сопки, блокади и опструкции, рече Заев пред гласањето за доверба на Владата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот