Мицкоски: Зад т.н. Иницијатива за вонреден Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ стојат мал број на заробеници и слуги на Заев

Фото: Слободен печат/Арбнора Мемети

Таканаречената иницијатива на мал број на луѓе заробеници и слуги на Зоран Заев, практично се обидуваат да манипулираат со дел од делегатите кои беа присутни и на конгресот во Куманово, а потоа и во Валандово, кажа Мицкоски при одговор на новинарско прашање во однос на иницијативата за вонреден Конгрес.

Мицкоски истакна дека истите тие имаат единствена цел – да добијат милост од нивниот стопан Зоран Заев за да може да се спасат од определен политички и кривичен прогон што се случува.

Лидерот на опозициската партија рече дека Централниот Комитет на синоќешната седница закажа Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ за крајот на месец ноември. Тој ќе биде редовен конгрес што се одржува на секои четири години и на него ќе се разговара за идните чекори што идното раководство на партијата ќе ги преземе.

Мицкоски ја искористи приликата и да се заблагодари на сите членови на партијата, поранешни функционери, активисти кои ги препознаваат овие криминални обиди на дел од поранешното раководство на партијата и со гадење ги отфрлаат истите и продолжуваат заедно со раководството на партијата легитимно да се борат до остварување на крајната цел.

– Крајната цел е ослободување на македонскиот народ, на македонските граѓани, на Македонија од овој хибриден режим што го предводи владата на Зоран Заев и СДСМ. Јас сум го одел мојот пат, мојот пат е да служам на Македонија, на македонскиот народ и на организацијата, а тие од одбрале нивниот пат да му слугуваат на Зоран Заев. Режимот ќе падне, а со него ќе падне и Зоран Заев, а потоа следи одговорност за сите оние криминалци кои се обидуваат да и наштетат на Македонија, рече Мицкоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот