Мицкоски во влада

денко малески
Професор Денко Малески, Фото: Слободен печат/Архива

Можеби лидерот на опозицијата треба да размисли не да оди во Владата, туку да го заземе местото на некој од министрите од неговата партија, делегирани во пржинската влада и од таа позиција да влијае врз владината политика и да го дава својот придонес во борбата против пандемијата.

Нема правило како опозицијата треба да се однесува кон власта во услови на епидемија. Не знаат во Америка и не знаат во Македонија. Се разбира, најдобро е партиите да се обединат во борбата против болеста и, како што е зборот, да заборават на политиката.

Но, такво поведение не е својствено за некој кој сака да победи на наредните избори. Така, принудната пасивност на Џо Бајден, како најверојатниот противкандидат на Доналд Трамп на изборите во ноември, доведе до сериозно намалување на неговото водство во американските анкети. Истражувањето на „Вашингтон пост“ и на Еј-би-си њуз покажува дека во февруари Бајден бил за седум проценти пред Трамп, а денес таа предност се стопила на само два процента.

По триесет години како сенатор и осум години како потпретседател на Америка, приватниот граѓанин Џо Бајден е во една сосема нова ситуација. Посакувам да сум во сенатот, вели Бајден, за да можам да влијаам на настаните, но сум каде што сум. Бајден е во изолација во својот дом во Делавер, каде што од една адаптирана подрумска просторија се обидува преку интернет и видеоконференции да влијае врз настаните. Кампањата полна со ракувања и масовни собири мораше нагло да се прекине на 10 март од кога и Бајден работи од дома. Се јавува еднаш дневно со телевизиска критика на политиката на Трамп, но обидите да организира телевизиски конференции се полни со аудио и видеопроблеми. Сепак, иако националните телевизии не го преземаат, последното негово обраќање го следеле 3,8 милиони гледачи на интернет. Појавувајќи се на НБЦ-телевизијата, Бајден упати остра критика до претседателот Трамп дека не успеал да испорача критична опрема за докторите и сестрите, борците во првата линија на војната против коронавирусот. Погледнете што се случува: имаме сестри кои ставаат ќеси за ѓубре како заштита наместо маски, вели тој, укажувајќи дека веднаш би ја употребил Наредбата за производство за одбрана, која овозможува на фабриките да им се нареди што да произведуваат во услови на криза. Да се слушаат советите на научниците, на народот да му се кажува вистината и да не се креваат лажни надежи за брзи решенија, порачува потенцијалниот ривал на Трамп на наредните избори.

И Ненси Пелоси, првиот демократ во Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, упати жестока критика на политиката на Трамп, обвинувајќи го за перманентни порекнувања и одложувања на борбата против коронавирусот. „Порекнувањето на претседателот на почетокот беше смртоносно “, вели спикерот за Си-ен-ен. „Неговото доцнење да обезбеди опрема таму каде што беше потребна е смртоносно… Додека претседателот си свирка, луѓе умираат“. „Што знаевме?“ и „Кога го дознавме?“ прашува таа, повторувајќи ги зборовите од конгресната истрага против претседателот Ричард Никсон. Во меѓувреме, поддршката за работата на претседателот Трамп од населението е во благ пораст.

И македонската опозиција е ставена во тесно. Со избори кои би можеле да се одржат веднаш по надминувањето на кризата, на кои власта би можела да го собере целиот кредит (под услов да не го собере целиот гнев), водството на опозицијата чувствува дека би можело да загуби ако не е дел од борбата против коронавирусот. Откажувајќи се лесно и непромислено од парламентот како платформа за нивни настапи, водачот Мицкоски денес инсистира и тој и неговата партија да станат дел од војната против болеста. Спремен е, вели, дури и да појде во Владата и да ги презентира своите планови. Но, несреќната изјава за тим лекари и тим економисти на ВМРО-ДПМНЕ зборува како за неговата состојба на умот, така и за реалните длабоки партиски поделби во македонското општество во кое и пред смртната опасност, партиската припадност е одлучувачка.

Со прогласена вонредна состојба во која Владата управува со декрети со законска сила, таму, во Владата, е центарот на одлучувањето. Бидејќи таа ситуација најверојатно нема да се промени, можеби лидерот на опозицијата треба да размисли не да оди во Владата, туку да го заземе местото на некој од министрите од неговата партија, делегирани во пржинската влада и од таа позиција да влијае врз владината политика и да го дава својот придонес во борбата против пандемијата. Силните зборови дека не го интересира власт (!?)туку го „интересира да го спаси народот и државата“ обврзуваат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот