Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ се обврзува на 640 милиони субвенции, загарантиран откуп за земјоделците и 4 милијарди домашни и странски инвестиции

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска беше во посета на Петровец од каде што истакна дека Македонија во моментов е окупирана од целосно неспособна и криминална власт предводена од аболицирани политичари до гуша вплеткани во криминални афери и политички криминал.

На овие избори, рече тој, граѓаните имаат еден избор бидејќи на една страна се наоѓаат неправда, криминал и понижувања предводени од политичари од транзицијата на СДСМ и Зоран Заев, а од друга страна се наоѓа правна држава со чесни политичари од ВМРО-ДПМНЕ чија главна водилка во работата ќе бидат честа и достоинството.

– Ветуваа буквално се, се сеќавате дека велеа ќе донесат живот во Македонија и едно општество за сите, ама излезе едно општество за едно семејство, некако само тоа семејство да живее се поубаво пораскошно и подобро, а сите други живеат во беда разочарани да ја напуштаат државата, изјави Мицкоски

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ додаде дека наместо правда и реформи во правосудството СДСМ, како што потенцира, донело „трас трас” судски одлуки кога требало да се тргува со честа и достоинството и на брутален го смениле Уставот. Носеа, рече, закони по мерка на Заев, како и ослободителни пресуди за Поткуп.

– Кога станува збор за обвинителството тука ја проширија и ја надградија работата, донесоа уште поголем срам со куфер Луј Витон и неколку стотици илјади банкноти во евра. Таква реформа донесоа во обвинителството, го трансформираа во Луј Витон обвинителство, а во судството донесоа „трас трас” реформи кои ним им донесоа слобода, а за граѓаните донесоа репресија страв и криминал, изјави Мицкоски

Мицкоски истакна дека тоа ВМРО-ДПМНЕ ќе го промени, ќе донесе вистински реформи во судството и обвинителството бидејќи правната држава е најважна за да може вистински да започне обновата на државата, обнова која ќе има над 1000 проекти со кои ќе се подобри животот на секој еден граѓанин во Македонија.

– Се обврзуваме на минимум 25 отсто поголема просечна плата во рок од еден мандат, минимум 20 отсто поголеми пензии за пензионерите и враќање на стариот закон кога два пати годишно растеа пензиите, најнизок данок во Европа од 8 отсто, невработеност под 10 отсто, за младите оние кои ќе вработат човек до 29 години 0 проценти данок, за угостителите и хотелиерите кои се погодени од кризата ќе се намали ДДВ од 18 на 10 проценти до крајот на 2021 година, рече Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ се обврза и за студентите да обезбеди ослободување од партиципација во учебната 2020/2021, а нашите иселеници кои сакаат да инвестираат тие инвестиции ги донесат и бидат безбедни и сигурни.

– Минимум четири милијарди евра домашни, но и странски инвестиции, реформи во здравството каде што тоа ќе биде ориентирано кон пациентот,  ќе најдете минимум 640 милиони евра за земјоделците субвенции, загарантиран откуп и пласман на производот, за да не ги фрлаат производите по реките и патиштата како што тоа го правеа досега, изјави Мицкоски.

За ова да се оставри, рече Мицкоски, потребно е да се излезе масовно на 15 јули и да се гласа за број 14 и да се поддржи Игор Јанушев кој ја предводи листата на ВМРО-ДПМНЕ, за да може уште веднаш да започне Обновата на Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот