Мицкоски: Ви ветувам во првите 6 месеци секој кој што се огрешил пред законот и пред Уставот ќе биде процесуиран

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вечерва од Ѓорче Петров порача дека на 15-ти јули по доаѓање на обновата во Република Македонија ќе се стави крај на криминалците и ќе се донесат многу проекти кои ќе бидат од корист на граѓаните.

-На власта, кожните фотелји, дебелите персијанци, долгите лимузини и беа приоритет. Бидејќи така сакавте, така и ќе завршите. На 15-ти јули ќе ве пратиме на темната страна на историјата и жестоко ќе ве победиме. Оваа коалиција, овој народ овде има да ви покаже како се љуби татковината, како се сака Македонија. Обединет, сплотен Македонецот, Албанецот, Босанецот, Турчинот, Ромот, Влавот, Србинот, сите еден до друг ќе се борат за својата Македонија“, нагласи Мицкоски.

Мицкоски додаде дека македонскиот народ ќе се бори за подобра Македонија, за која секој еден сонува.

-Сакам да кажам неколку реченици и за она што можеа, бидејќи нели е таков слоганот на оваа власт, велат можеле. Јас би рекол „Можевте“, а тоа е минато завршено време. А, што можевте? Можевте да работите, можевте наместо да го понижувате, омаловажувате овој народ, наместо да ја парчите, распарчувате, делите и осрамотувате нашата држава, нашата татковина. Можевте да ја направите горда, достоинствена, почитувана, сакана дома а почитувана во светот. Но не, вие тоа не го направивте. Вие тоа не сакавте да го направите, затоа што за вас поважен беше грст од жолтици, привилегии, луксуз, на грбот на овој напатен народ. Тоа беше за вас поважно. Можевте многу повеќе да работите, можевте и навистина ако работевте тие 500 евра просек плата да ги донесете. Но не, вие не ги донесовте, затоа што за вас беа поважни Луј Витон ташните“, истакна Мицкоски.

Мицкоски рече дека оваа власт многу ветуваше на пензионерите, земјоделците, студентите, но за жал ништо не остварија и поради тоа ќе ги стаса казната на 15-ти јули. Ветуваа дека ќе донесат правда, но за жал донесоа криминал, корупција.

-Ама затоа после 15-ти јули јас ви ветувам во првите 6 месеци секој кој што се огрешил пред законот и пред Уставот ќе биде процесуиран, јас ви ветувам. Да го знаете ова, кажете им, правда и закон мора да има во оваа држава. Од Куманово до Гевгелија, од Дебар до Делчево, нема веќе привилегирани политичари. Нема веќе да има привилегирани семејства. Секој кој што се огрешил, секој има да одговара“, вети Мицкоски на граѓаните.

Мицкоски посочи дека по 15-ти јули ќе започне обновата на Република Македонија, ќе се вратат насмевките на граѓаните, ќе се врати оптимизмот.

-Во „Проект – Обнова“ има за секого нешто. Таму има и 25% зголемување на просечната плата во еден мандат, има и 20% зголемени пензии во еден мандат и враќање на старото законско решение. Таму има минимум 1000 километри реконструирани  патни правци локални и регионални. Таму има повеќе од 4 милијарди евра инвестиции, домашни и странски. Таму има најнизок данок, најнизок данок во Европа од 8%, да им покажеме како се полни буџетот но не на товар на граѓаните, не на товар на народот, туку на товар на додадената вредност која што ќе ја направиме во економијата. За секој оној кој што ќе вработи човек до 29 години нула проценти данок за интегриран здравствен систем од 4 клинички центри“, нагласи Мицкоски.

Мицкоски сосема на крај од Ѓорче Петров порача дека крајот на СДСМ е се поблиску. На 15-ти јули ќе ја добијат и својата казна.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот