Мицкоски со кадри на Груевски ќе го руши Заев

Христијан Мицкоски / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Подновувањето на ВМРО-ДПМНЕ со Извршен комитет составен од старо-нови кадри отвори бројни шпекулации во политичките кулоари. Од тоа дека изборот на членовите кај партиското членство не предизвикало воодушевување, до тоа дека со таквиот потег лидерот Христијан Мицкоски уште еднаш покажал дека опкружувајќи се со свои послушници го засилувал влијанието на т.н. „советски блок“.

Како аргумент за ваквото тврдење, нашите партиски извори, го наведуваат изборот на двајца, како што тврдат, директни „послушници“ на Сашо Мијалков. Гордана Димитриеска-Кочоска, која била сметкводител на фирма на поранешниот прв човек на УБК, но во одреден период и директор за финансии во ЕЛЕМ, кога со оваа компанија управувал Мицкоски и Стефан Андоновски кој, според нашите извори е син на Љупчо Андоновски, поранешен директор на Управата за безбедност и контраразузнавање на Македонија, (од 26 мај 2015 до 1 септември 2016 година).

Сепак најголем интерес во јавноста предизвика „симнувањето“ на Игор Јанушев од местото генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ. Се шпекулира дека за неговото место во игра е Димитриеска-Кочоска но и Орце Георгиев, син на пратеник на ВМРО-ДПМНЕ кога претседател на партијата беше Никола Груевски. Според нашите извори, ова е уште еден доказ дека Груевски наводно ги контролирал и општинските комитети. Нашите извори предвидуваат дека со ваквата политика и потезите, да собира сомнителни типови околу себе и да ја претвора партијата во „затворено друштво“, Мицкоски го очекува дебакл на локалните избори со освоени едвај 250.000 гласови.

Добри познавачи на состојбите во ВМРО-ДПМНЕ, додаваат дека Мицкоски за да остане на чело на партијата продолжува да ги оддалечува способните кадри од партијата. Како пример го наведуваат односот кон партискиот секретар за меѓународна соработка Тимчо Муцунски, за кого велат дека тој треба да биде новиот генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ. Наводно Муцунски бил во немилост кај Мицкоски, бидејќи од средбите со претставниците со меѓународната заедница и амбасадорите, не му пренесувал се што било „речено“, притоа наводно ги „филувал“ пораките што тие му ги испраќале на Мицкоски.

Политикологот Владимир Божиновски за Слободен печат вели дека ВМРО-ДПМНЕ направи промени, и дека за месец или два ќе се види дали тие успеале.

– Добро е што тие сфатија дека треба да се направат промени, дали ќе помогнат да се фокусира партиската понуда за да се зголеми рејтингот, односно дали граѓаните ќе бидат привлечени да гласаат за опозициската партија, ќе видиме. Опозициската партија имаше многу теми пред изборите, ако со овие луѓе успеат да се фокусираат како парија, да ги адресираат проблемите битни за граѓаните тогаш ќе кажеме дека ова што се прави во ВМРО-ДПМНЕ дава резултати. Но, се уште е рано да се зборува за нив, вели аналитичарот Божиновски.

Според реформаторот Петар Богојески, Мицкоски со овие промени и овој правец на политики, дефинитивно си ја бетонирал својата судбина. Смета дека тој ќе биде единствениот лидер на ВМРО-ДПМНЕ кој никогаш нема да стане премиер. За новите членови на ИК вели дека не се партиско освежување.

– Ако некакво освежување се кабинетските глувци на Мицкоски кој од свои потрчковци во кабинетот ги направи членови на ИК за нас тоа не е никакво освежување. Напротив, тоа е уште поголемо разочарување од можноста опозицијата да се окрупни и да издејствува предвремени парламентарни избори. Факт е дека Мицкоски се опкружува само со слепи послушници и сметководители од неговата фирма. Во услови кога Македонија е пред решавање на историското прашање со признавање на афтокефалноста на МПЦ, ВМРО-ДПМНЕ е повторно на спротивната страна на историјата, на чело со луѓе кои бараа укинување на нашата црква и со тоа ги губи сите шанси да ја предводи европската опозиција во земјава, вели Богојески за Слободен печат и додава дека сега Заев дополнително ќе си ги зацврсти позициите, бидејќи со ваква опозиција, која одбива и да слуша и да гледа, обезбеден му е трет мандат.

Мицкоски вчера по состанокот на Централниот комитет на партијата порача дека отворено дискутирал за неговото речиси тригодишно управување со партијата.

– Јас на сопствено барање поднесов предлог за свикување на вонреден конгрес на којшто јас нема да се кандидирам. Централниот комитет, надвор од моето присуство, откако ја напуштив салата, го одби практично едногласно ова мое барање и не се согласи со ваквиот предлог, а со тоа ми даде полн легимитет да продолжам со раководењето со ВМРО-ДПМНЕ и јас во име на тоа им се заблагодарувам на укажаната доверба, што за мене е обврска, да со уште посилно темпо продолжиме со рушењето на мафијата, рече Мицкоски.

Мицкоски едноставно можеше да си даде оставка и така ќе имаше вонреден конгрес, велат од Иницијативниот одбор за свикување на вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ.

„Да беше искрен во предлогот за вонреден конгрес и намерата да не се кандидира, ќе ја искористеше можноста што ја дава статутот, ќе си дадеше оставка и ќе беше свикан конгресот, наместо да прави театар злоупотребувајќи го Централниот комитет, кој е со истечен мандат. Сè уште актуелниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ нема ниту кредибилитет, ниту легитимитет да именува или разрешува партиски органи. Единствено чесно од негова страна би било извинување до членството за претрпените порази, преземање на одговорност, оставка и закажување на вонреден конгрес“, стои во нивното соопштение.

Потпретседателите Александар Николовски и Владо Мисајловски, Иван Иванов, Сергеј Попов, Никола Мицевски, Гордана Димитриевска- Кочоска, Рашела Мизрахи, Стефан Андоновски, Марија Андоновска, Олга Лозановска, Дафина Стојановска, Вело Марковски, Трајко Славевски, Влатко Ѓорчев, Драган Ковачки, Коце Трајановски, Кирил Пецаков и Антонијо Милошоски се луѓето кои се дел од новиот состав на Извршниот Комитет на партијата кој го предложи лидерот Христијан Мицкоски, а го прифати Централниот комитет.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот