МИЦКОСКИ СЕ ПРЕДОМИСЛИ: Зошто да се држиме заедно, кога може да извисиме одвоено! – Слободен печат
ВестиВи ПрепорачувамеМакедонија

МИЦКОСКИ СЕ ПРЕДОМИСЛИ: Зошто да се држиме заедно, кога може да извисиме одвоено!

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ја повлече понудата да ѝ помогне на власта во обидите земјава да добие датум за преговори со ЕУ. И сето ова се случува во период кога сите меѓународни фактори и домашни експерти порачуваат дека соработката помеѓу власта и опозицијата е неопходна за остварување на нашите европските соништа.

Рововите меѓу двете најголеми политички партии во земјава СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ стануваат сè подлабоки, откако лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски ја повлече понудата да ѝ помогне на власта во обидите земјава да добие датум за преговори со ЕУ. И сето ова се случува во период кога сите меѓународни фактори и домашни експерти порачуваат дека соработката помеѓу власта и опозицијата е неопходна за остварување на нашите европските соништа. Но, по последната изјава на Мицкоски, наместо соединување на силите, власта и опозицијата најверојатно ќе влезат во уште еден голем клинч и во уште една жестока борба за превласт, дури и по цена на, како што предупредуваат аналитичарите, да се прокоцка шансата за членство на Македонија во Унијата.

Во интервју за ТВ Алфа, Мицкоски истакна дека неговата партија отсега со свои сили ќе лобира земјата да добие датум за преговори, оти, како што рече, се грижи за граѓаните да не бидат казнети поради политиките што ги води премиерот Зоран Заев.

– Помина летото. Велеа јуни, а ни во јули нема да биде. Па се репроектира датумот за во октомври, правдајќи го тоа со некакви технички причини. Дадовме понуда до Заев и рековме дека не ни треба да влеземе во Владата. Ние едноставно сакаме да ви помогнеме и во периодот до октомври колку-толку да успееме заеднички да ја донесеме Македонија пред добивање датум за преговори со ЕУ. Неколку недели поминаа, но немаме повратен одговор од Владата, ниту се формирани работни групи. Оваа понуда не беше со неограничен рок. Таа сега престанува да важи. ВМРО-ДПМНЕ ќе си го фати својот пат, да ги убедуваме нашите партнери од сестринските партии да го поддржат датумот за отпочнување преговори на Македонија со ЕУ – најави Мицкоски.

Она што станува сè поизвесно е дека во битката со власта ќе биде употребена истата „формула“ со која Заев успеа да ги декласира политичките опоненти во 2015 година.

– Многу луѓе во минатото беа жртви на разни притисоци, уцени и ја видоа формулата на Заев кога беше опозиционер. Нема функционер во Владата или во нејзина близина за кој нема сомнежи за инкриминирачки дејанија. Така што, сите оние граѓани што биле под притисок на овие властодршци, дел од нив се заштитиле на еден начин, други на друг, дел од тоа стигнало и до опозицијата. Но, сето тоа треба детално да се провери, да се анализира. Не сакаме на ниски страсти и со воајеризам да победиме на избори и да ја формираме следната влада. Сакаме да дојдеме на власт со програма и така да ги испратиме каде што им е местото – рече Мицкоски.

Веќе подолг период се шпекулираше дека опозициската партија поседува „бомби“, со кои ќе ја засили битката против власта. Прашан дали се точни тие информации и дали опозицијата во октомври ќе објави дел од нив, Мицкоски одговори:

– Како универзитетски професор и како претседател на најголемата политичка партија, јас не би коментирал чаршиски муабети. Тоа би било надвор од моите принципи. Но, одговорот накратко би бил: можеби да, можеби не.

Она што предизвика посебно внимание е сомнежот за негово приведување.

– Јас сум свесен дека може и до тоа да дојде. Сум разговарал и со моето семејство дека од Заев и од тие околу него, сè може да се очекува, па може и тоа – да дојдат да ме приведат. Еве ова нека биде и апел до оние луѓе од една специјална единица на МВР, кои изминативе денови се врткаат околу мојата куќа, со изговор дека се тука да го набљудуваат училишниот двор што е во непосредна близина на мојот дом – рече лидерот на опозицијата.

Премиерот Зоран Заев, пак, кратко ја искоментира изјавата на Мицкоски дека го следат и дека ќе биде уапсен.

– Никој не се надеваше дека толкави глупости може да се кажат. Ако се бориме за правна држава, треба да оставиме правните процеси да течат – рече Заев.

Арсовски: Ова е најлошиот потег на опозицијата

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски вели дека прекинот на соработката на власта и на опозицијата е најлошото сценарио што може да ѝ се случи на земјава, која се наоѓа на чекор до добивање датум за преговори со ЕУ.

– Власта и опозицијата треба да имаат различни ставови за некои прашања, но тоа не важи и за евроатлантските интеграции. За овие прашања и двете партии треба секогаш да имаат постигнато консензус. Досега, и власта и опозицијата тврдеа дека ги поддржуваат интеграциите, но потегот на Мицкоски да ја повлече понудата за помош е повеќе од катастрофална – објаснува Арсовски.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close