Мицкоски сака да се пере на евтина струја

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Од протестот беа упатени три барања до Владата: враќање на старата цена на струјата, воведување викенд без ДДВ и професионализација на Регулаторната комисија за енергетика, со оставка на претседателот Марко Бислимовски.

ВМРО-ДПМНЕ вчера протестираше поради поскапувањето на струјата, скандирајќи „Мафија на робија“, со најава дека партијата сега излегла на улица и таму ќе остане додека не падне владата на Зоран Заев. Во овој потег дел од аналитичарите препознаваат обид на лидерот Христијан Мицкоски да избега од одговорноста и ветената оставка по изборниот пораз на парламентарните избори, а дел сметаат дека Мицкоски си ја засилува позицијата пред локалните избори во 2021 година, кои ако ги добие, има сериозни шанси и навистина да ја турне Владата.

Тој, пак, најави сериозна борба на ВМРО-ДПМНЕ против СДСМ, која ќе се води и на протести и во Собранието.

– Доста му е на овој народ и затоа овој народ почнува правдата да ја бара овде, на улиците, нема веќе по домовите да седиме. Коалицијата што ја предводи ВМРО-ДПМНЕ е народна коалиција и отсега ќе ја гледате на улица за секоја неправда што му ја нанесувате на народот. И нашите пратеници во парламентот ќе се борат како лавови и лавици за интересите на овој напатен народ. Од овој собир почнуваме, имате неколку денови да седнете да ги разгледате наште барања, а потоа да ги исполните – рече Мицкоски.

Тој испорача три барања до Владата: враќање на старата цена на струјата, воведување викенд без ДДВ и професионализација на Регулаторната комисија за енергетика, со оставка на претседателот Марко Бислимовски.

Стратегија или бегство од одговорност?

Според аналитичарот Благојче Атанасовски, протестот на само десетина дена по формирањето на Владата е очајнички обид на Мицкоски за бегство одговорност од изборниот пораз.

– Мицкоски нема што да понуди на членството и на партиските органи освен оставка, а тој по три последователни порази сака да си ја спаси кожата. Околу него сѐ поинтензивно ќе се поставува прашањето дали тој може да ја спречи серијата порази на ВМРО-ДПМНЕ, затоа што не успеа пред неопределените гласачи да се наметне како алтернатива на Заев. Иако бројот на гласовите што ги освои СДСМ беше намален во просек за 150.000, ВМРО-ДПМНЕ со 300.000 гласа го достигна својот историски минимум, а претходно Никола Груевски од еден изборен циклус во друг само го зголемуваше контото и од 400.000 гласа стаса и до 500.000. Заев не победи уверливо, ама Мицкоски доживеа класичен пораз и сега тој со овие протести сака да го одврати иницијативниот одбор за негова смена. Тој се плаши делегатите да не успеат да свикаат вонреден конгрес – вели Атанасовски за „Слободен печат“.

Тој смета дека ВМРО-ДПМНЕ на чело со Мицкоски нема да успее да формира широк опозициски фронт што им е потребен за победа на локалните избори догодина. Атанасовски потсетува дека и Љубчо Георгиевски и Груевски се повлекле по првите изборни порази, а со политиките на Мицкоски ВМРО-ДПМНЕ го фаќа опозицискиот пат на СДСМ од минатото, кога беа цела деценија во опозиција.

ВМРО-ДПМНЕ сфати дека треба да протестира

Аналитичарот Владимир Божиновски вели дека тоа што никој не доби предност на изборите, покажува дека народот не ги поддржува силно ниту едните ниту другите и дека протестите се обид на ВМРО-ДПМНЕ да стекне поголема поддршка пред локалните избори во следната година.

– Изгледа дека ВМРО-ДПМНЕ ја сфати пораката од луѓето, кои беа разочарани што најголемата опозициска партија во претходниот мандат на Владата не ги бранеше нивните интереси, не протестираше и млако одреагира на многу потези. Затоа сега преку протестите, најпрво за струјата, сакаат да покажат дека ја научиле лекцијата. Нормално е кога има голем граѓански револт на некоја тема опозицијата да помогне. И СДСМ во времето на власта на ВМРО-ДПМНЕ се вклучуваше во поддршка на граѓанските протести. Овие протести против поскапувањето на струјата се случуваат веќе извесен период во повеќе градови, а ВМРО-ДПМНЕ требаше да ги поддржи и порано, веднаш кога почнаа – вели Божиновски.

Тој не верува дека Мицкоски е на протести за да го одврати вниманието од иницијативата за неговата оставка, но вели дека ВМРО-ДПМНЕ треба да ги анализира нивните барања, затоа што во партијата треба да се направи реформа.

– Од аспект на политичката прагма, подобро е сега да се најдат слабите алки и да се зацврснат, отколку да се менува лидерот на партијата. Смената повлекува и промена во структурите и ќе се изгуби енергија што е потребна за победа на локалните избори. Мицкоски е свесен дека ако го сменат, шансите на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори ќе бидат полоши. Тој треба да привлече дел од незадоволните 250.000 гласачи кои апстинираа на овие избори. Ако ВМРО-ДПМНЕ успее да освои две третини од општините, Град Скопје итн., тогаш може посериозно и аргументирано да бараат оставка на Владата, а една година во оваа смисла како период не е многу – вели Божиновски.

Тој додава и дека Владата на Заев е во континуитет, старо-нова влада и нема простор да ѝ се оставаат 100 дена период за некритикување.

Аналитичарот Петар Арсовски, пак, смета дека ВМРО-ДПМНЕ прерано излегла на протести и дека од позиција на изгубени избори, тешко се реституира енергија што ќе донесе победа.

– За да бидат протестите на ВМРО-ДПМНЕ легитимни и оправдани, потребно е прво партијата да изврши внатрешна реформа, да се покаже дека пораката од изборниот резултат е разбрана. Точно е дека сè уште се нефункционални институциите, но тие на протестите излегоа со тема за криминал и корупција во услови кога уште не се избрани ни заменици министри, наместо да излезат со теми за економија, реформи итн. Тешко е да се добијат избори и да се турне влада ако кажуваш што не сакаш. Треба да кажеш и што сакаш – вели Арсовски за „Слободен печат“.

На вчерашните протести раководството на ВМРО-ДПМНЕ порача дека протестите не се задоцнети и дека отсега ќе бидат на улица. Генералниот секретар Игор Јанушев рече дека нема да отстапат додека не се намали цената на струјата, а потпретседателот Владо Мисајловски рече ВМРО-ДПМНЕ сакале да разговараат за струјата во Собранието, но не можеле затоа што не се закажуваат седници.

Од ВМРО-ДПМНЕ за утре најавија нов протест против поскапувањето на струјата.

-Поскапувањето на струјата значи бизнис за СДСМ. Мафијата си продолжува со профит. Мафијата продолжува со бизниси, рече генералниот секретар на партијата Игор Јанушев денеска на прес-конференција.

Како што рече тој, протестот ќе почне во 14 часот пред Регулаторната комисија и еден час со автомобили ќе ја блокираат крстосницата и пристапните улици пред Регулаторната комисија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот