Мицкоски: Русковска со говорењето невистини покажа дека е во целосна спрега со Заев

Фото: Слободен печат/Арбнора Мемети

Целокупниот вчерашен настап на обвинителката Вилма Русковска е скандалозен, изјави денеска лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, во врска со изјавата што обвинителката ја даде во гостувањето на „ТВ24“, каде рече дека му се јавила на Мицкоски за неговите сознанија за одредени случаи кои ги води Обвинителството, а по неговото мафтање со документи од истрагата за случајот „Рекет“.

Како што рече Мицкоски, Русковска наводно го повикала во врска со неговите тврдења дека добивал уцени од поранешната специјална обвинителка, Катица Јанева.

-Јасно ми е зошто Зоран Заев толку се препелкаше да најде замена за Катица Јанева и тоа да биде Русковска. Вчера Русковска во обид да ја одбрани власта и да скандализира нешто, изнесе груба невистина. На 26 јули Русковска ми испрати СМС и ме замоли да се слушнеме. И се јавив и ме замоли да се видиме. Ја поканив во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, но рече дека не е пристојно. Прашав каде на друго место и која би била темата, а таа ми рече дека темата би била уште еднаш да поразговараме околу актуелната ситуација и мојата изјава за уцената која Катица Јанева ја испорача на еден наш состанок. Русковска ми рече не е во можност и предложи друг термин, и реков не можам деновиве поради густ распоред, а таа ми рече дека оди на годишен одмор. Се договоривме по одморот, па на 15 август и испратив смс порака и реков дека сум на располагање. Преку смс добив одговор дека ќе ме побара. На 11 септември беше прес конференцијата каде јас зборував за документите кои свиркач ги достави до ВМРО-ДПМНЕ – рече Мицкоски.

Мицкоски додаде дека е „вчудоневиден и разочаран поради лошата состојба во правосудството и тесната врска“, како што рече, меѓу власта, обвинителството и судството.

-Сите овие невистини и лаги имаат за цел да му слугуваат на Заев – рече Мицкски и додаде дека има докази и дека е подготвен да го докаже своето тврдење.

-Нашиот телефонски разговор беше поврзан за една тема, уцената која ја добив од Јанева и која беше поврзана со случајот за замрзнување на имотот на ВМРО-ДПМНЕ – посочи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и додаде дека доколку неговата партија дојде на власт „правосудството ќе биде ослободено од канџите на политиката“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот