Мицкоски: Пратениците треба да се коректори на политиките на старо-новата влада

Обврската пред новиот пратенички состав е мошне сериозна. Македонија е пред отворање на пристапни преговори со Европската унија (ЕУ), но истовремено се соочуваме со здравствени, економски, социјални и образовни предизвици од голем размер, истакна претседателот на ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешната обука „Зајакнување на капацитетите на новоизбраните пратеници” во организација на Фондацијата „Конрад Аденауер” и Институтот „МК91“.

– Предизвиците кои стојат пред сите нас се глобални, но и внатрешни, поврзани со лошото владеење, со злоупотребата и со нефункционалноста на институциите. Токму со силен капацитет нашата пратеничка група треба да биде истовремено и коректив на сите погрешни чекори на актуелното парламентарно мнозинство, но истовремено да нуди и мерки и решенија кои ќе обезбедат просперитет, стабилност и поквалитетен живот за нашите сограѓани, рече Мицкоски.

Овој пратенички состав пред себе ќе биде исправен со сериозен предизвик да корегира политики на една старо-нова влада која, како што рече лидерот на опозицијата, покажа исклучително низок капацитет во справување со барањата, потребите и проблемите на граѓаните.

– Македонија за жал овие три години назадува. Стана најкорумпираната држава во Европа, а има и пад на листата на „Дуинг бизнис“, што говори дека сивата економија и криминалот сериозно удираат по стабилноста и просперитетот на Македонија. Заради ваквата состојба имаме сериозен пад на економијата и стандардот на граѓаните кој дополнително го влошуваат со непромислени потези како поскапување на електричната енергија. Истовремено сме земја од која најголем број млади сакаат да се отселат. Европските вредности и стандарди стануваат сè подалечни за нашиот народ, бидејќи таму кај што царува криминалот, селективната правда и сиромаштијата, таму нема напредок. Колку порано се застане на патот на оваа деструктивност, толку побрзо ќе се фати патот на успехот и благосостојбата. А вие како пратеници сте ја добиле поддршката од народот за тоа да работите и за тоа да се борите, порача Мицкоски.

Според него, избраните пратеници, со својот личен придонес за промоција на европските искуства и вредности ќе помогнат Македонија побрзо и поуспешно да излезе од вртлогот на безредието и да чекори кон подобро утре на нашите идни генерации.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот