Мицкоски: Повисоки просечни плати и пензии, инвестиции, пониски даноци

Фото: Слободен печат

ВМРО-ДПМНЕ, како што рече, се обврзува за обнова која ќе овозможи зголемување на просечна плата во државата за минимум 25 проценти во еден мандат.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска на прес-конференција презентираше дел од Програмата на партијата за следните предвремени парламентарни избори во делот на економскита политика. Најави дека ВМРО-ДПМНЕ се обврзува да обезбеди повисоки плати за граѓаните за 25 проценти, зголемување на пензиите за 20 проценти односно над 3.000 денари, повеќе инвестиции, најави рамен данок кој ќе падне до 8 проценти…

– Ова, пред се, ќе биде економска обнова, обнова заоснована на економски темели за кои најважен услов ќе биде правдата. За да имаме развој ни треба повеќе во економијата, почитување на законите и повеќе во стандардот кај граѓаните, рече Мицкоски.

ВМРО-ДПМНЕ, како што рече, се обврзува за обнова која ќе овозможи зголемување на просечна плата во државата за минимум 25 проценти во еден мандат.

– Ќе пораснат платите за минимум 25% во следните четири години. Тоа ќе значи повеќе пари за работниците или во просек за 6.500 денари повеќе од платата која што ќе биде исплатена просечна во државата во декември месец 2019-тата година, рече Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека тие ќе овозможат зголемување на просечната пензија на пензионерите за минимум 20 проценти во еден мандат или повеќе од 3.000 денари повеќе за секој еден пензионер.

– Се обврзуваме во првите 100 дена Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ да го промени Законот за пензиско и инвалидско осигурување и согласно новото законско решение пензиите ќе се прилагодуваат во двата основа, порастот на трошоците за живот и со просечниот раст на нето платите, рече Мицкоски.

Најавуваат драстично намалување на невработеноста под 10 отсто. Нула персонален данок за млади до 29 години што ќе значи ослободување од персонален данок за вработување на млади до 29 години кој имаат годишен нето приход до шест и пол илјади евра.

– Дополнително, преку градење на модерна иновациска инфраструктура која подразбира отворање на иновациски центри, бизнис инкубатори и акцелератори, научни и технолошки паркови ќе им овозможиме на младите и креативните луѓе целосна поддршка во реализација на нивните бизнис идеи. Ние сме силно убедени дека Македонија има млади талентирани луѓе кои имаат силни претприемачки и иновативни идеи и затоа ќе работиме на создавање најповолни услови за искористување на нивниот потенцијал, рече Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ најави повеќе пари за стопанството и бизнисите.

– Ќе паѓаат даноците, а тоа значи повеќе пари за стопанството и граѓаните. Целосно ќе го напуштиме концептот на прогресивен данок и ќе воведеме рамен данок до 8 проценти. Ќе стартуваме од 10%, од кој за 1% ќе имаме намалување во првите 100 дена, што значи рамен данок од 10 на 9%, а во период од две години уште за дополнителен еден процент ќе дојдеме на 8%, рече Мицкоски.

Од ВМРО-ДПМНЕ најавуваат исто така нов модел на реиндустриализација, што значи нов економски модел кој ќе биде базиран на модерна реиндустријализација и зголемување на извозната конкурентност на македонската економија.

– За таа цел планираме да понудиме конкретни мерки за поддршка на домашните компании во нивното технолошко и организациско унапредување, изградба на мрежа на извозни промотори за домашните извозни компании и промотори за привлекување на странски директни инвестиции, реформа на Македонската банка за поддршка на развојот во Македонско извозно развојна банка која ќе обезбеди поволни кредити и извозна поддршка за домашните компании и субвенционирана камата за развој, ќе ја редефинираме програмата за странски инвестиции со цел привлекување на компании со најголем потенцијален бенифит за македонската економија, рече Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ најави нови четири милијарди евра домашни и странски инвестиции за еден мандат односно повеќе поддршка од државата за домашната економија и компании и привлекување на странски директни инвестиции преку реформиран модел кој ќе биде привлечен за светски големи компании.

– Можам да кажам дека веќе водиме разговори со неколку големи европски компании кои се одвратени поради корупцијата, беззаконието и лошата бизнис клима во овие три години да инвестираат во државата. Чекаат и тие поволна клима после 12-ти април да започнат со инвестирање, рече Мицкоски и најави раст на БДП за минимум 4% годишно.

Најави повеќе од 90% реализација на планираните капитални државни инвестиции годишно, внимателно планирање и испорака на тоа што е испланирано.

– Сега имаме историско најниско ниво кое се движи околу 69 проценти и тоа после ребалансот на буџетот. Над 90 проценти реализација на капитални државни инвестиции подразбира повеќе работа во градежништвото, повеќе работа во трговијата и повеќе бизнис за претприемачите, рече тој.

За да имаме подобра бизнис клима, вели Мицкоски, мора да го подобриме економскиот рејтинг на државата што подразбира не само економски и институционални мерки, туку и борба против корупцијата и криминалот.

– Затоа се обврзуваме Македонија да се искачи во Топ 10 на листата на „Дуинг бизнис”. Денеска за жал сме 17-ти. Се обрзуваме Македонија да влезе во првата третина на листата на Светскиот економски форум „Давос” за најразвиени економии, сега сме 84-то од 140. Се обрзуваме Македонија да влезе во првата четвртина на листата на „Форбс”. Сега сме на 68 место, од 161 земја, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Во изработката на овие мерки и проекти свој придонес дале стратешките соработници, универзитетски професори, експерти од странство од различни области, комисиите во ВМРО-ДПМНЕ, а клучниот сегмент беше мислењето и потребите на граѓаните и стопанството.

Мицкоски, кој рече дека граѓаните се презаситени од политика, најави серија прес-конференции на кои ВМРО-ДПМНЕ ќе промовираат мерки и решенија што ќе бидат дел од обновата, а кои ќе овозможат повеќе за секого.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот