Мицкоски: Мали се шансите за предизборна коалиција со албанските партии

Фото: Слободен печат/Арбнора Мемети

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ не открива повеќе детали за тоа што преговараат и договараат со политичките партии и најави дека кога ќе има официјална коалиција ќе има заеднички договор и тој ќе биде презентиран пред јавноста.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска изјави дека за претстојните предвремени парламентарни избори во коалицијата „Обнова на Македонија” остануваат политичките партии кои беа дел од неа, како и дека преговараат со други политички партии кои се заинтересирани да бидат дел од коалицијата.

Мали се шансите, како што вели, за предизборна коалиција со некоја од албанските партии, по примерот на денеска официјализирана коалиција помеѓу СДСМ и БЕСА.

Не открива повеќе детали за тоа што преговараат и договараат со политичките партии и најави дека кога ќе има официјална коалиција ќе има заеднички договор и тој ќе биде презентиран пред јавноста.

– Во текот на следната недела ќе излеземе со повеќе детали. Политичките партии кои беа дел од коалицијата „Обнова на Македонија” остануваат, но исто така има и политички субјекти кои преговараат со нас. Нашите позиции се јасни, принципиелни и од тие позиции отстапување нема. Го слушнавме ставот, барањата кои се од страна на различни политички субјекти кои преговараат со нас, ние ги презентиравме нашите позиции, изјави Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање пред почетокот на панелот за очекувањата и предизвиците за бизнисот, во организација на Делегацијата на германското стопанство во нашата земја.

Прашан дали ќе има некоја од албанските партии во нивната коалиција, Мицкоски одговори дека во моментов за тоа се мали шансите, а во коментар на денеска официјализирана коалиција меѓу СДСМ и БЕСА одговори „Со среќа нека им е”.

– Па, во моментов мали се шансите да има такво нешто предизборно, а постизборно рековме да почекаме да се случи најголемата победа во независна Македонија. Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, „Обнова на Македонија” со народот, а потоа доколку на политичка и проектна основа имаме какво било коалицирање со кој било политички субјект тука сме, подготвени сме да разговараме и да создадеме една коалиција, рече Мицкоски.

Прашан дали ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи со протестите, Мицкоски рече од СДСМ се исплашени и оти како изговор го користат корона вирусот.

– Најсреќни би биле исплашените од СДСМ да го користат коронавирусот како изговор за ВМРО-ДПМНЕ да не го мобилизира народот и претпоставувам дека тие молеа Бога да се случи сето ова за да може ВМРО-ДПМНЕ да не излегува заедно со народот и да протестира против она лицемерие кое денеска е секојдневие во Македонија, за жал, рече Мицкоски.

На новинарско прашање истакна и дека се подготвува за утрешниот дуел со претседателот на СДСМ Зоран Заев.

-Му посветувам должно внимание и серозно му приоѓам, рече Мицкоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот