Мицкоски: Искрено посакувам Македонија да добие датум за преговори со ЕУ

Фото: Слободен печат/Арбнора Мемети

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вечерва во интервју за телевизија 24 изјави дека искрено посакува државата да добие датум за отпочнување на преговори со Европската унија.

Рече дека како партија ќе работат кај сестринските партии навистина тоа да се случи и државата да добие безусловен датум. Доколку датумот биде условен, тогаш, како што рече, тоа ќе значи пораз и уште една голема лага на владата на СДСМ.

– Искрено посакувам Македонија да добие датум за преговори и конечно да можеме да отпочнеме пат кон конечната цел, а тоа е Македонија да биде земја членка на ЕУ. Како политичка партија работиме во име  на таа цел и посакувам датумот да биде чист. Од она што го добивам од круговите во Брисел кои испорачуваат информации кај нас, во нашата политичка партија, ќе постои можеби определена одлука која до последен момент нема да биде јасна – дали воопшто ќе има датум, дали ќе има датум и дали тој ќе биде условен како што ниту еден аспирант досега го имал, рече Мицкоски.

За преговорите за законот за јавното обвинителство рече дека засега нема официјални средби на работните групи и оти комуникацијата се одвива на ниво на документи.

Не ја исклучи можноста да се дојде до решение до 15 октомври.

– Апсолутно, ние работиме на тоа. Немаме официјални средби. Работиме на ниво на документи кои од едната и другата страна се разменуваат како предлози, рече Мицкоски.

Додаде дека не гледа интерес кај Владата да се реши ова прашање и смета дека насила предметите што биле во надлежност на СЈО се префрлени во Државното јавно обвинителство, а јавниот обвинител им доделил овластување на обвинителите да ги застапуваат предметите пред тие да засноваат работен однос.

Вели дека како партија од почетокот немале дилема дека предметите до 30 јуни отпочнати согласно мандатот на Специјалното јавно обвинителство треба да продолжат, но оти треба на законски начин да му се предадат на државниот јавен обвинител.

До овој момент, рече дека не е повикан од обвинителката за случајот „Рекет” за записниците кои ги презентирал на прес-конференција, а во кои, како што вели, се споменуваат имиња на високи функционери кои се на власт. Записниците, како што изјави, биле оставени во дворот на седиштето на партијата.

Рече дека за нив опција за избори се март или октомври. Сепак, како што додаде, да се причека 17 октомври дали државата ќе добие датум за преговори, а потоа да се распишат избори и да се оди со техничка влада.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот