Мицкоски и Пендаровски не се над судовите

Мицкоски Пендаровски

Со политичко интервенирање во судските постапки не се решаваат судските случаи, туку само со независни и непристрасни судски постапки, вели поранешната судијка во Судот за човекови права во Стразбур, Маргарита Цаца Николовска, за „Слободен печат“.

Во претседателската вила на Водно утре во 15 часот треба да се одржи средба помеѓу шефот на државата Стево Пендаровски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Според најавите, една од темите ќе биде повторување на судскиот процес за 27 април, на што инсистира Мицкоски. Пендаровски, пак, на годишнината од т.н. „крвав четврток“ во „Само интервју“ на ТВ Канал 5 рече дека луѓето што влегоа во Собранието не се терористи и тие физички што напаѓаа луѓе треба да одговараат за физички напад, како што беше за Зијадин Села и Радмила Шекеринска, и дека за организирање таков настан, 18 години затворска казна се многу.

Од Кабинетот на претседателот велат дека средбата е по барање на опозицискиот лидер, а на прашањето на „Слободен печат“ дали тема ќе биде евентуално повторување на судскиот процес за 27 април, кратко одговорија „ќе се разговара за повеќе актуелни теми“.

– Добро е што по девет месеци некомуницирање се воспоставува комуникација меѓу опозицијата и институцијата претседател на Република Северна Македонија, што може да биде во насока на попродуктивен политички дијалог – изјави претседателот Пендаровски за „Дојче веле“.

Пендаровски останува на формулацијата дека лицата што упаднаа во Собранието на 27 април 2017 година не се терористи, но, според него, тоа не значи дека тие заслужуваат амнестија за насилството.

– Тоа беше случај без преседан, за уривање на демократијата и на уставниот поредок. Сторителите на тоа дело не заслужуваат помилување, а единствен начин да се обнови процесот е само ако се појават нови докази, кои во време на судењето не биле познати – изјави претседателот Пендаровски.

Мицкоски рече дека на средбата со Пендаровски нема намера да бара амнестија за осудените за 27 април.

– На средбата со Пендаровски ќе барам да им се суди за она што го направиле, но тероризам немало. Да им дадеме фер шанса да бидат обвинети за тоа што го направиле. Амнестија јас не барам – рече Мицкоски на средба со новинарите.

Поранешната судијка во Судот за човекови права во Стразбур, Маргарита Цаца Николовска, за „Слободен печат“ вели дека со политичко интервенирање во судските постапки не се решаваат судските проблеми, туку само со независни и непристрасни судски постапки.

– Судовите ќе судат и ќе дојдат двајца политичари, ќе седнат и ќе речат, сега треба да се повтори постапката. Која е таа правна сигурност? Јас сочувствувам со обвинетите, но во секоја држава мора да има ред и поредок. Доколку е направена грешка треба да се каже, а потоа таа да се утврди преку националните судски инстанци. Има и меѓународни судови. Прашањето по однос на тероризам може да биде предмет на расправа и пред Европскиот суд за човекови права. Сепак, треба да се сочека конечниот исход од постапката. Повторување може да дојде, но доколку се исполнети предвидените законски услови. Една од околностите се нови докази – вели Цаца Николовска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот