Мицкоски го обвини Шилегов за недостатокот на пожарникарска опрема, тој му врати: Tи одиш во Будимпешта по инструкции, а ние одиме по опрема!

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски преку Фејсбук го обвини градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов за недостатокот на опрема за гаснење на пожари при вчерашниот пожар на Галичник.

„Вчера гореше над Галичник, опремата за гаснење пожар од 20 век (слика 1) во земја кандидат за Европска Унија во 21 век. Благодарение на жртвата на пожарникарите и армиските волци, пожарот е ставен под контрола.

Во меѓувреме Петре Шилегов набави противпожарна автомеханичка скала вредна нешто повеќе од 1,7 милиони €. Носител на набавката е Унгарска компанија…, да да компанија со седиште во Будимпешта (слика 2). Истата таа држава и град кои жестоко СДСМ ги анатемиса изминативе речиси три години, но бизнисот мора да врви. Додека пак врви бизнисот, а шумите горат, како партнер на Унгарската компанија се јавува истата компанија каде е косопственик зетот на секретарот на град Скопје. Чудно но вистинито, компанијата каде е косопственик зетот на најблискиот соработник на Петре Шилегов склучува договор со носителот на набавка во вредност од 33.244.500 денари или околу 540.000€ (слика 3). А да…, сигурно штабски без основа ќе демантира град Скопје дека во периодот од 2012 и 2017 истата компанија добила тендери во времето на ВМРО-ДПМНЕ, нешто помалку од 150.000€, (иако не во тоа време, туку денес, снаата е секретар на градот, а компанијата ќе демантира дека има странски капитал од 2017 година и не бил зетот на најблискиот соработник на Петре Шилегов единствен сопственик, но во деновите што следат ќе откриваме се повеќе сомнежи за сторен криминал на Петре Шилегов и ќе гледаме штабско препелкање во обид да се одбранат…, но крајот се ближи, а со крајот и одговорноста следи.

Ако се прашувате зошто има недостаток на противпожарна опрема, зошто бизнисот и полнењето џебови и е приоритет на власта.“, напиша Мицкоски на Фејсбук.

Набргу потоа, на Фејсбук реагираше и градоначалникот Шилегов.

„Додека ТИ Христијане ја замараш македонската и скопската јавност со своите лаги и конструкции, ние веќе правиме обука на персоналот и вршиме технички прием на противпожарната скала, новото добро во нашиот град. Прав си. Ти одиш во Будимпешта по инструкции, некој друг по опрема за безбедноста на скопјани !!!

П.С. Продолжи и понатаму да се занимаваш со црнилото во својата душа. Јас ќе продолжам да се грижам за безбедноста на скопјани …
П.П.С. Можеби малку ти е чудно во твоето црнило, но Скопје веќе е европски град, со европски и светски стандарди …“, напиша Шилегов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот