Мицкоски го брани Макрон, Макрон го демантираше истиот ден

љубомир костовски
Љубомир Костовски, Фото: Архива

Во своето интервју за загрепскиот дневен весник „Вечерњи лист“, првиот човек на опозицијата од земјава изнесе многу невистини во однос на преговорите меѓу Македонија и ЕУ, обидувајќи се да го правда францускиот претседател Макрон како лице кое го блокирало почетокот на преговорите. Мицкоски излезе со теза дека францускиот претседател не бил единствен, односно дека отпорот кон нашето барање за исполнувањето на ветениот датум за почеток на преговори, наводно имал поширок консензус во Брисел.

На прашање на новинарот зошто Макрон ги блокирал пристапните преговори, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вели:

„Најнапред морам да ве исправам: сметам дека ова не беше еднострана одлука на претседателот Макрон, како и дека со него се неколку земји членки кои имаа аргументи за одлуката која ја донеле… Зборувам за многу влијателни земји кои тешко дека донеле импулсивни и неоправдани одлуки.“

За верување е дека оваа теза на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ не најде плодна почва кај сите што ја следат оваа тема. Јасна беше ситуацијата во текот на носењето на одлука во однос на барањето на Северна Македонија, односно нејзиното недонесување во формална смисла.

Случајот сакаше и самиот Макрон да го демантира Мицкоски во интервјуто кое го даде за лондонски „Економист“. Тоа беше објавено на 7 ноември, истиот ден кога и интервјуто на Мицкоски. Во поднасловот стои: „Францускиот претседател Макрон во интервју за магазинот ‘Економист’ вели дека е подготвен да се согласи да почнат преговори со Скопје, доколку во следните месеци се реформира процедурата, а земјата продолжи со реформите.“

Во текстот веднаш, на почетокот на цитатот на статијата стои: „Францускиот претседател Емануел Макрон ги обвинува останатите држави членки на ЕУ дека се затскривале зад француското вето за почетокот на преговори со Северна Македонија и Албанија на самитот во Брисел, и дека во суштина, согласност за зелено светло имало само за Скопје. Тоа, пак, според него, ќе било фатална грешка. Во интервју за британскиот магазин „Економист“, водено на 21 октомври годинава, Макрон вели дека ќе попушти за преговори со двете земји, но само доколку во следните месеци се направат реформи на преговарачката процедура, а Скопје и Тирана довршат уште некои реформи. Но нема да попушти за натамошно проширување на ЕУ“.

Од горе цитираното јасно се издвојува ставот на самиот Макрон дека се работи само за француско вето. Во суштина, согласност за зелено светло имало само за Скопје, со што и признава дека ако можело да се издвои кандидатурата на Северна Македонија, тој би гласал „за“. Исто така, дека тој е подготвен да се согласи да започнат преговори со Скопје, доколку во следните месеци се реформира процедурата, а земјата продолжи со реформите. Со ова се демантира и ставот на Мицкоски во споменатото интервју за „Вечерњи лист“ дека не верува оти Макрон би ја прифатил кандидатурата на земјава. По игра на случајот, францускиот претседател Макрон лично го демантираше спинот на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Ова, секако, е најдиректно оспорување на тезите со кои Мицкоски во иднина ќе настојува да биде Макронов „адвокат“ во овој предизборно-изборен период, и тоа преку видливо спинување на реалната состојба околу односите меѓу Скопје и ЕУ, односно Северна Македонија и Франција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот