Мицкоски бара да падне „главата“ или на Русковска или на Јовески

Или обвинителката за организиран криминал Вилма Русковска или републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески – на еден од нив мора предвреме да му заврши мандатот. Ова е условот од кој не отстапува опозициската ВМРО-ДПМНЕ кога станува збор за преговорите околу изгласувањето на законот за јавно обвинителство и трансформирањето на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) во посебен оддел на Јавното обвинителство, дознаваме од високи владини извори.

На лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, му било понудено да се формира посебно одделение во кое би влегле сите обвинители од СЈО и кое би имало шеф поставен од неговата партија, но Мицкоски го одбил предлогот затоа што сметал оти неговиот човек не би можел да носи одлуки без дозвола од Русковска, велат нашите соговорници.

– Опозицијата го бараше местото на Вилма Русковска или на Љубомир Јовески, но ние не се согласивме затоа што и двајцата обвинители имаат активен мандат. Јовески го предлага Владата и беше избран во 2018 година, но Русковска е избрана од Советот на јавни обвинители и таа има повеќегодишен мандат. Многу е лошо со закон ние да прекинеме нечија функција. На колегите од опозицијата им предложивме да почекаме да им истече мандатот на Русковска и на Јовески, па откако ќе истече да им го исполниме барањето, но тие настојуваа целата работа да се заврши веднаш, односно не повеќе од 30 дена по изгласувањето на законот за јавно обвинителство – брифираат нашите извори од власта.
Од друга страна, тврдат нашите извори, ЕУ силно притискала законот да биде изгласан во што е можно поскоро време, власта овој пат нема да брза и ќе оди на сигурно.

– Европската Унија бара законот да биде изгласан најдоцна до 25 септември, но ние во оваа ситуација немаме голема потреба од брзање и од негово итно изгласување. Подобро е воопшто да не се донесе закон, отколку да се донесе лош закон. Во секој случај, голем притисок од меѓународната заедница трпи опозицискиот лидер Мицкоски, па тој е во постојана линија со Европската мисија во Македонија и со Амбасадата на САД од каде што му порачуваат дека законот е од огромна важност за иднината на државата – велат соговорниците.

По пауза од неколку месеци, синоќа се одржа лидерска средба во Собранието на која двајцата најголеми политички опоненти – премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ги придружуваа членовите на работните групи од власта и од опозицијата. Целта беше постигнување договор за законот за јавно обвинителство со кој Специјалното јавно обвинителство (СЈО) би се трансформирало во посебен оддел на Јавното обвинителство. Од опозицијата уште претходно најавија дека приоритет на нивниот лидер ќе биде да го покрене прашањето за предвремени парламентарни избори, бидејќи, како што истакнаа, разговорот за ова прашање бил нивниот главен услов за одржување на состанокот. Лидерската средба беше закажана откако и на последниот состанок помеѓу работните групи на власта и на опозицијата не беше постигнат никаков договор.

Овој закон е од големо значење и за европските аспирации на државата, коментираат аналитичарите, бидејќи во октомври Брисел треба да се изјасни дали ќе има датум за старт на пристапните преговори со ЕУ.

Заев: Постојат поважни работи од избори

За инсистирањето на опозицијата да се разговара за предвремени избори, премиерот Зоран Заев вели дека тоа е легитимно барање, но оти ова е неповторив период кога фокусот треба да се стави на полноправното членство во НАТО и почеток на пристапните преговори со ЕУ.

– Иако законот за јавното обвинителство не е дел од европскиот извештај по којшто се одлучува формално на Европскиот совет во средината на октомври, сепак треба да го отстраниме тоа прашање. Не се нерешливи прашањава, само треба да бидеме одговорни пред системот, пред државата и секако пред граѓаните – изјави Заев.

За барањето за предвремени избори кажа дека е легитимно опозицијата секогаш да бара нешто. Тој повтори дека прифатлив период за одржување избори би бил октомври 2020 година.

– Јас немам дилеми за секое прашање да разговараме. Нормално, нашите ставови се сè што е интерес на државата. Тие побараа предвремени избори, а мојот коментар беше „океј“, нека бидат крајот на октомври 2020 година. Ќе разговараме, не ги знам јас кои се аргументите за барање на предвремени избори, но ние се водиме од тоа што е навистина најдобро на државата – рече Заев.

Во пресрет на вчерашната средба со опозицискиот лидер Христијан Мицкоски, премиерот Заев истакна дека најгорливо прашање е дали „бомбите“ ќе се користат како докази, а не дали да се отвораат случаи по 30 јуни 2017 година.

– Уставот и кривичниот законик велат дека кривично дело за кое постојат индиции или аргументи не може да не се гони. Ако не го гони СЈО. тогаш ќе го гони друго обвинителство. Надлежен орган за тоа е јавнообвинителскиот систем и нема тука дали Заев, Мицкоски нешто сакаат или не сакаат. Прашањето е дали „бомбите“ ќе се користат како докази, оти тие се индиции. Ако сакаме и ако сме одговорни, ќе најдеме решение. Кој било ако сака да ги уништи предметите, да ги одложи или како било да им наштети, ќе изгуби политички. Верувам дека ВМРО-ДПМНЕ не сака да ги уништи, така што ќе најдеме формулации – вели Заев. Тој нема против да се користат нелегално прислушувани материјали и по 2015 година, односно, како што вели, сè што може да биде индиција за криминал.

Андов: Отпорот на Мицкоски ќе остави длабоки траги

Поранешниот претседател на Собранието, Стојан Андов, смета дека опозицискиот лидер непотребно дал преголем отпор за нешто од кое зависи европската иднина на државата.

– Дури и да биде постигнат договор помеѓу власта и опозицијата за законот за јавно обвинителство, сепак ќе биде потребно време за да зараснат раните од силниот отпор што досега го правеше Христијан Мицкоски. Јас искрено се плашам дека поради сите негови досегашни деструкции, тој не би можел толку едноставно да се врати на правилниот пат, бидејќи и во јавноста самиот се претстави како политичар кој не чувствува никаква одговорност. Но, да оставиме на времето. Можеби и меѓународната заедница овој пат ќе помогне и во иднина ќе го спречува во правењето слични проблеми – објаснува Андов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот