Мицкоски: Антикорупциска вчера потврди дека Заев и СДСМ се служат само со лаги

Фото: Слободен печат/Арбнора Мемети

На денешниот настан во Охрид, како дел од кампањата „Разговори за обнова на Македонија“, свое обраќање имаше и претседателот на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Мицкоски рече дека „Зоран Заев денеска е уплашен човек, кој се плаши затоа што знае дека речиси три години политиката ја водел со криминал, корупција и многу лаги“.

– Знае дека водеше политика на свиткана кичма на слугување, измислуваше, лажеше, креираше кампања против мене – кажа Мицкоски, кој во обраќањето се осврна и на вчерашната одлука на Антикорупциската комисија, според која тој не направил судир на интереси во врска со концесиите за хидроцентралите.

Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, лагите изнесени во врска со овој случај предизвикале голема штета по неговиот личен углед и угледот на партијата.

– Видовте и вчера дека ДКСК која што тој (н.з. Заев) сам ја избра, самата му кажа дека сета онаа црна кампања која што нанесе штета за време на претседателските избори, која што нанесе штета на мојот интегритет и интегритетот на моето семејство, но најважно е што донесе штета на ВМРО-ДПМНЕ. ДКСК јасно кажа дека било измислица, обични лаги, клевети и обид да се засени лидерот на опозицијата, ама и најдобриот кандидат што некогаш се појавил на претседателските избори, Гордана Силјановска Давкова. Епа не може. Вистината порано или подоцна излегува на виделина. А вистината излезе вчера и токму од неговата антикорупциска комисија. 7:0 едногласно рекоа дека тука има само креација и лаги, дека тука нема ништо вистинито. Никој денес не слушнав да се извини – рече Мицкоски во обраќањето пред охриѓани.

Тој пред присутните уште еднаш го повтори ставот на опозициската партија за покачувањето на платите во образованието за 10%.

– Ајде ако сте честити зголемете ги платите на наставниците во основните и на професорите во средните училишта онолку колку што треба согласно законот за минимална плата и согласно колективниот договор во образованието – повика лидерот на опозициската партија.

Во продолжение, тој зборуваше и за пензиите и истакна дека откако на пензионерите власта им зела по 1.500 денари, сега ќе им враќала 700.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот