Мицевски: Протестите добиваат на својата масовност, оваа ненародна власт мора да си замине

Опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ продолжува со протестите коишто започна да ги организира уште од 9 септември. Вечерва во Скопје и уште шест градови во државава со возила се протестира, како што велат од опозицијата, против криминалот, корупцијата, неправдите и прогонот.

-Протестите добиваат на својата масовност и преку нив ги презентираме загриженоста на граѓаните на Република Македонија, по основ на се она што се случува во државата. Мотив на денешниот протест е неправдите, корупцијата, криминалот и прогонот кој што оваа ненародна власт го извршува секојдневно, вели координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.

Мицевски истакна дека револтот на граѓаните секојдневно расте, а за тоа говорат и протестите кои што се се помасовно поддржани од страна на граѓаните, како и дека овие протести се со цел оваа ненародна власт да си замине што побрзо од власт.

Поради пандемијата, протестот во Куманово се одржува со возила по централните булевари и улици со полициска придружба.

– Нема да дозволиме под тепих да заминат сите афери коишто изминативе години ги предизвика оваа Влада, нема да дозволиме граѓаните да заборават на аферите на Рашковски, на Ден Дончев, парите предвидени за поддршка на стопанството да завршуваат до фирмите блиски на семејството Заеви, на Анѓушев, на поранешната министерка за финансии, Ангеловска без да има соодветна завршница, изјави претседателот на ОК на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник во Собранието, Бране Петрушевски.

Тој рече дека оваа Влада ја задолжила државата преку една милијарда и сто милиони евра, пари кои биле правдани со вложување во справување со последици од ковид 19. За жал, додава Петрушевски, Македонија е рекордер по бројот на заразени, стопанството тоне, граѓаните осиромашуваат.

Како пример го посочи викендот без ДДВ, кој, како што рече, наместо Министерството за финансии дека ќе врати девет милиони евра, вратени ќе бидат само 1, 1 милион евра, што покажува колку граѓаните се сиромашни.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот