Мицева од ТВ Вис: Објектот и опремата се пеплосани, со голем елан работиме да застанеме брзо на нозе

Новинарката на ТВ Вис, Сузана Мицева во „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“ зборуваше за атмосферата во телевизијата откако вчера настана пожар во нивните простории.

-Објектот и опремата се пеплосани внатре, но ВИС се луѓето кои работат во медиумот, а нивниот дух не е скршен. Ќе најдеме начин да продолжиме да информираме и да работиме. Светот се бори со пандемија, за човечки животи, ова е шок, но е сепак материјално, изјави Мицева.

Таа вели дека пожарникарите се уште дежураат на местото, бидејќи се уште се јавува ново жариште.

-Ниту ние, ниту пожарникарите не можевме да разбереме од каде тргнал пожарот, бидејќи немаше пламен. Само чад излегуваше од сите места. Зградата е стара. Нема бетонска плоча, туку греди и градежен материјал од пред век и половина, рече Мицева.

Целиот тим на ТВ Вис ќе најде начин и понатаму да ги информира граѓаните за сите новости.

-Не познавањето на објектот и скудната опрема со која располагаат пожарникарите се двете причини поради кои што е повредија тројца пожарникари. Најважно е сега тие да бидат добри. Ние ќе продолжиме и ќе најдеме начин да ги информираме граѓаните.

Вчера продолживме да функционираме онлајн. Имаме и лиценца од АВМУ, и имаме простор од месец дена да се ревитализираме и да ја обновиме опрамата и да продолжиме со зрачење. Со голем елан работиме да застанеме брзо на нозе. Општина Струмица во Домот на АРМ отсапи канцеларија која во прв момент ќе ја искористиме за поставување на монтажни едниници и денес ќе емитуваме вест, изјави Мицева.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот