Мицотакис побара од фон дер Лајен европски решенија за високите цени на струјата и нарушувањата на европскиот енергетски пазар
Решенија и иницијативи на европско ниво за справување со високите цени на електричната енергија во различни делови на ЕУ и нарушувањата на енергетскиот пазар, бара грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во писмото испратено до претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен во кое посочува дека зголемени цени освен во Грција има и во Бугарија, Романија, Унгарија, Хрватска и други земји-членки, за што вели дека станува збор за „регионална криза“, јави дописничката на МИА од Атина.
Мицотакис во писмото пишува дека во период од неколку месеци, цените на струјата на големо во Грција се зголемени повеќе од двојно, од 60 евра за мегават час во април на 130 евра за мегават час во август.
Објаснува дека високите температури, климатските промени, нарушувањата во производството на електрична енергија и прекуграничните транспортни капацитети, како и слабите врнежи во текот на зимата, се дел од факторите за ценовните шокови, но и тоа што „руските напади врз украинската мрежа ја претворија Украина во главен нето увозник и овој дефицит го покриваат земјите од ЕУ“.
-Во исто време, овој шок не ги погоди подеднакво сите земји-членки. Областа што се протега од Чешка до Грција обично има слични цени на струјата. На почетокот на 2024 година, разликите во просечната месечна цена меѓу земјите од овој регион изнесуваа само неколку евра. Но, летово разликите во цените станаа поголеми. Во одредени часови разликата во цената меѓу соседните земји надминуваше 100 евра за мегават час. Честопати, разликите беа многу поголеми. Во една крајност, цената на струјата во Унгарија достигна 940 евра за мегават час, додека во соседна Австрија беше 61 евро за мегават час, односно 15 пати повисока за ист производ, во исто време, во внатрешноста на ЕУ, пишува Мицотакис.
Во продолжение посочува дека во текот на седмиците, овие разлики се собираат, па така разликата од неколку евра станува разлика од речиси 100 евра во текот на јули, во август разликата меѓу најскапата и најевтината земја-членка на ЕУ во регионот беше 45 евра и додава дека ако ова се помножи со количината на потрошена електрична енергија, „ова е дополнителен трошок без преседан и го поткопува духот и целта на внатрешниот пазар“.
-Уште позагрижувачки е што системот е толку сложен и нетранспарентен што е речиси невозможно да се разбере што точно влијае на цените во секој даден момент, истакнува Мицотакис, коментирајќи дека не можат убедливо да им објаснат на граѓаните зошто цената што ја плаќаат толку нагло расте.
Откако детално ја објаснува ситуацијата, грчкиот премиер во писмото до претседателката на ЕК доставува и неколку предлози, меѓу кои ја нагласува потребата од „посилно владеење“, односно „поголема координација и планирање на регионално ниво“; потребата за „поголем регулаторен надзор од ЕУ“; изнаоѓање решение за влијанието на извозот на електрична енергија во Украина што се чувствува само во некои земји, како и потребата за „нов поттик за електрични интерконекции“.