Мицкоски за историската комисија: Разговори, а не избрзани и погрешни одлуки

Македонско, бугарско и европско знаме/Илустративно фото: МИА

Откако со владина одлука минатата недела кадровски се промени составот на Мешовитата македонско – бугарска комисија за историски и образовни прашања премиерот Христијан Мицкоски нагласи дека поважно од прашањето кога македонските и бугарските историчари ќе седнат на заедничка маса за да ја продолжат дебатата за спорните историски личности во македонските учебници, е разговорите да течат во добрососедски дух и да нема погрешни одлуки.

„Тоа се процеси што траат со децении. Имавме такви примери во Европа, така што секое избрзано решение произведува избрзани одлуки, а тоа избрзани одлуки можат да бидат погрешни. Затоа очекувам во еден добрососедски дух, членовите на комисиите од двете страни да разговараат“, рече премиерот Мицкоски.

Бугарската агенција БТА објави дека следниот состанок на заедничката комисија за историски и образовни прашања меѓу Бугарија и Северна Македонија треба да се одржи овој месец во Скопје.

Според сменетиот претседател на македонскиот тим во Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања со Бугарија Драги Ѓоргиев во фокусот на последните средби на Комисијата биле македонските учебници по историја за 7 oдделение и бугарските за 6 клас.

Во досегашното седумгодишно постоење на мешовитата комисија за историски прашања, македонските и бугарските историчари усвоија препораки за заедничко чествување на Кирил и Методиј, Наум Охридски, Климент Охридски и Цар Самуил и пет препораки за измени во учебници во Македонија и во Бугарија. Работата на комисијата запна кај Гоце Делчев поради одбивањето на бугарската страна да ја прифати нашата формулација дека тој е национален херој на македонскиот народ, рече неодамна Ѓоргиев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот