Мицкоски вели дека антиепидемиските мерки се калкулантски, Заев дека го штитат колективното здравје

ТВ-дуел меѓу Заев и Мицкоски / 20 септември 2021 / фото: Канал 5/принтскрин

Според лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, актуелните мерки за заштита од коронавирусот се политичко калкулантство и политизација на справувањето со пандемијата, што според него и довело до ситуација во Македонија да има толку многу жртви од епидемијата на коронавирусот.

„Ние паметиме и кога со многу помали бројки и нула жртви имавме многу построги и поригорозни мерки. Калкуланството во носењето на мерки и политизацијата, доведе ние сега да бидеме први, според бројот на луѓе кои што го загубија својот живот поради оваа пандемија. Не само што јас немам дилема, туку ни народот нема дилема дека тука имаме политичко калкуланство. Ние предупредувавме дека ќе дојде делта варијантата во Македонија и дека повторно ќе имаме нов бран. Имавме низа прес-конференции каде Игор Николов во неколку наврати апелираше, но немаше слух од надлежните во Министерството и во Владата. Затоа ќе повторам, ние денеска сме рекордери според бројот на луѓето кои што за жал го загубија својот живот поради неспособноста на Владата“, рече Мицкоски, додавајќи дека уште на самиот почеток на кризата кога „Владата немаше доволен број на тестови, инсистиравме да се најдат што е можно поголем број на тестови и да се тестираат што е можно поголем број на граѓани и тоа да не биде на товар на граѓаните“.

Заев, од своја страна, рече дека мерките кои се на сила, вклучително и оние кои се допираат до вакцинацијата на граѓаните, се донесени по сугестија на здравствените експерти.

„Јас сум приврзаник на заштитата на колективното здравје. Согласно ваквите сугестии коишто доаѓаат од здравствените експерти, ние ги поддржуваме, лично јас ги поддржувам. Затоа што треба да поттикнеме одговорност, кога веќе сме одлучиле сами за себе, и тоа е наше право согласно Устав, мора да водиме сметка и за колективитетот околу нас: луѓето со коишто општиме, семејството, роднините и слично. И затоа, да – поддржувам мерки кои ќе поттикнат вакцинација кај населението“, рече Заев.

Видео на денот