Мицкоски: Судството мора да се исфилтрира
Еве ние нема да се мешаме, ќе седиме настрана и ќе оставиме тие самите да ја направат таа катарза, да се исфилтрираат и тоа што е лошо да го отфрлат од системот. Доброто да го победи лошото – рече премиерот Мицкоски.
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски во интервју за „Фокус” вели дека и покрај тоа што постојат многу основани сомненија за криминали кои треба да се испитаат по допрен глас од страна на обвинителството, во овој момент гледаме дека има нула дејство и истраги.
– Јас секогаш сум заговорник на идејата дека секој заслужува шанса. Ние нема да се однесуваме како СДСМ и нема да ги злоупотребуваме пратениците, да беседиме во парламентот за да го смениме. Секој заслужува шанса, така и овој (Љупчо Коцевски) заслужува шанса, па да видиме дали таа шанса ќе ја искористи. Ако не ја користи таа шанса, јавно ќе зборувам. За жал, почетокот не му е добар – рече премиерот Мицкоски.
Говорејќи за Советот на јавни обвинители и Судски совет, премиерот Мицкоски нагласи дека, досега нема никој понудено друг модел, затоа, тоа што го нуди владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е судиите и обвинителите сами да изберат кој ќе биде во овие две институции, како и да добијат поголема независност преку автономен буџет процентуално врзан со вкупниот буџет. Но, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на петочниот брифинг со новинарите јасно порача дека засега тие не заслужуваат повеќе пари, затоа што има многу несработени предмети, а парите се користат само за плати.
https://www.slobodenpecat.mk/dimitrieska-kochoska-pravosudstvoto-neka-sraboti-neshto-pa-kje-im-go-zgolemime-budzhetot/
Премиерот Мицкоски вели дека малцинството во судството кое е на клучни позиции го прави судтсвото такво какво што е и тоа мора да се исфилтрира.
– Има и такви кои се корумпирани, но не се сите, туку се малцинство. Има и такви кои држеле предмети во фиока и не ги процесуирале, но и тие се малцинство. Мнозинството не може да биде потчинето на малцинството. Малцинството самото ќе се катализира и исфилтрира и ќе биде безгласно. За жал, малцинството сега е на клучни позиции и затоа ни треба ова мнозинство да го победи малцинството, со тоа што самите тие ќе си изберат тоа што мислат дека им треба. Еве ние нема да се мешаме, ќе седиме настрана и ќе оставиме тие самите да ја направат таа катарза, да се исфилтрираат и тоа што е лошо да го отфрлат од системот. Доброто да го победи лошото – рече премиерот Мицкоски.