Мицкоски се сретнал со менаџментот на „Лидл“: Изградбата на маркетите ќе тргне по „брза лента“

Лидл/ Фото: EPA-EFE/TOMS KALNINS
Лидл/ Фото: EPA-EFE/TOMS KALNINS

Инвеститорите што сакаат да вложат во економскиот прогрес и ќе вработат македонски граѓани, не смеат да бидат ставени настрана. На брза лента ќе го откочиме процесот и за брзо ќе го имаме синџирот маркети „Лидл“ – стои во објавата на фејсбук-профилот на премиерот Мицкоски

Трговскиот синџир „Лидл“ се соочувал со проблеми со претходната влада, тврди премиерот Христијан Мицкоски, кој во средата вечерта во Владата се сретнал со менаџментот на компанијата, каде што бил информиран за тешкотиите и за административни пречки со кои се соочувал германскиот синџир маркети во изминатиот период.

– Имав средба со дел од менаџментот на „Лидл“, кој подолго време презема активности за почеток на инвестицијата во државата. Разменивме информации за многубројните тешкотии и административни бариери со кои се соочувале од претходната влада. Инвеститорите што сакаат да вложат во економскиот прогрес и ќе вработат македонски граѓани, не смеат да бидат ставени настрана. На брза лента ќе го откочиме процесот и за брзо ќе го имаме синџирот маркети „Лидл“ – стои во објавата на фејсбук-профилот на премиерот Мицкоски.

„Лидл“ е најголемиот европски синџир за малопродажба на храна, кој во земјава е присутен од септември 2021 година. Како што пред речиси три години објави специлизираниот портал „Јуропеан супермаркет магазин“, по Словенија, Хрватска и Србија, германскиот трговски синџир „Лидл“ најавил дека ќе го отвори својот прв супермаркет и во нашата земја. Германската компанија во февруари 2021 година регистрираше своја подружница во земјава под името „Лидл Северна Македонија“, која ќе биде под надлежност на бугарскиот огранок на „Лидл“. Според најавите, предвидено беше „Лидл“ на почетокот да инвестира 500.000 евра во земјава. Според порталот, интересот на „Лидл“ за отворање супермаркет во земјава следува откако неговата продавница отворена во Врање, привлече голем број купувачи од Македонија, но и од Косово.

Да потсетиме дека во јануари годинава компанијата постави камен-темелник за големиот дистрибутивно-логистички центар во Куманово. Овој центар ќе биде точката во и од која ќе се координира снабдувањето и работата на сите маркети што ќе бидат отворени во земјава. Поставен е на стратегиска локација, во должина на Коридорот 10, односно патниот правец Атина – Белград, но и на исклучувањето на патот кон Бугарија. Дистрибутивниот логистички центар ќе се простира на површина од 170 хектари во кумановската индустриска зона Речица.

Минатиот месец, пак, објектот на „Бриколаж“ во скопска Керамидница беше целосно урнат, а просторот е ограден за да почне изградбата на новиот маркет на „Лидл“. Освен во Скопје, ќе биде отворен и маркет во околината на Битола.

Инаку, „Лидл“ е најголемиот европски синџир супермаркети, присутен е во 30 земји во Европа и во САД. Во Македонија треба да вработи повеќе од 150 луѓе.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот