Мицкоски: СДСМ и ДУИ прават дефокус со етнички теми за да го заштитат криминалот

Христијан Мицкоски/ Фото: Влада на РСМ

Премиерот Христијан Мицкоски зборувајќи за платформата за подобрување на животот, која опозицијата веднаш ја отфрли, рече дека СДСМ и ДУИ се обидувале да направат дефокус со етнички теми и тензии за да се заштителе од последиците од криминалот што го направиле.

– Десетте точки се резултат на истражувањата што ние ги правиме секој месец најмалку два пати и тоа е резултат на она што се очекувања на граѓаните од власта. Тука се опфатени и Македонци, и Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци и останати. Овие десет постулати се резултат на тие истражувања, огромно мнозинство има потреба од позитивен исход по тие десет столбови во таа платформа.  За жал дел од политичките партии веднаш одбија, според мене неодговорно и незрело, а дел претпоставувам ќе се произнесат во периодот кој следи, потенцираше премиерот Мицкоски.

Мицкоски нагласи дека најголемиот дел од граѓаните, две третини не сакаат етнички конфликти, не сакаат етничка тензија, туку Сакаат подобар живот, повеќе пари, повисоки плати, повисок стандард и ред, и тоа е дел од овие десет столбови.

– Има политичари и политички структури кои во отсуство на ваква понуда или немање желба да се признае  што направи оваа влада во изминативе два месеци се обидуваат да направат дефокус со етнички теми, мислејќи дека на тој начин ќе мобилизираат поголема маса, за да може да го заштитат криминално стекнатиот имот, посочи премиерот Мицкоски.

Мицкоски порача дека треба да се работи за подобар стандард, за повисоки плати и пензии, за владеење на право и да има ред и поредок за сите, затоа што тоа е она кое го очекува огромно мнозинство.

„Јас морам да ја застапувам волјата на мнозинството и тоа е демократијата и во мнозинството има од сите етнички заедници и тие го кажуваат тоа што е содржано во тие 10 постулати“, изјави Мицкоски

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот