Мицкоски од Гостивар: Заеднички патриотизам е кога заеднички ќе ги победиме криминалот и корупцијата и ќе донесеме инвестиции

Христијан Мицкоски на митинг / 2 октомври 2021 / фото: Фејсбук

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вечерва се обрати на предизборен митинг во Гостивар, на кој ги поддржа носителот на кандидатската листа на партијата Гоце Димовски и кандидатот за градоначалник од коалициониот партнер АА, Арбен Таравари.

Мицкоски рече дека „заврши времето на криминалот и корупцијата кои се симбол на оваа власт и доаѓа времето на нов заеднички патриотизам кој создава нова иднина, инвестиции и работни места за сите граѓани“.

– Заеднички патриотизам е да бидеме без предрасуди, да ги победиме криминалот, корупцијата и неправдите. Заеднички патриотизам е народот да има повеќе пари во џебот, а ние да донесеме развој кој ќе донесе нови работни места, добро платени места, децата дома да си ги задржиме и да не ги полниме фабриките во западна Европа, Америка, Канада и Австралија, рече Мицкоски.

Тој смета дека е „време да започнеме да градиме еден нов заеднички патриотизам на 21 век модерен обединувачки, со кој ќе ја победиме заедничката мака, и ќе создадеме заедничка иднина“.

– Да покажеме дека на политичарите гласовите не им се загарантирани, туку истите треба макотрпно да работат деноноќно. Тука ќе ја упатам мојата порака до идните градоначалник и советници, дека заврши времето на салонски политичари, скапи службени возила, доаѓа време на народот. Времето е сега на современи народни модерни политичари, чесни кои наместо во кабинетите ќе бидат заедно со народот на улиците, на нивите заедно со земјоделците, во фабриките со работниците и стопанствениците и ќе помагаат на својот народ. Тука нема етничка припадност и вера, тука сме сите исти и обединети, додаде Мицкоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот