Мицкоски: Ние ќе прифатиме сè што ќе договорат газдите и работниците
Според премиерот Мицкоски, во Буџетот се предвидени средства за законското зголемување на минималната плата во март, а ќе има и ребаланс ако зафалат пари, но товарот на зголемувањето паѓа врз работодавачите. Проблемот е дали тие ќе може да си го дозволат зголемувањето и дали потоа ќе има други трикови – дел од парите работниците да ги добијат на рака, дообјасни тој
Владата нема да се меша во преговорите меѓу ССМ и работодавачите, а она што ќе го договорат ние ќе го прифатиме, изјави премиерот Христијан Мицкоски на прес-конференција додека се уште траеше втората седница на Економско-социјалниот совет.
Според него, во Буџетот се предвидени средства за законското зголемување на минималната плата во март, а ако зафалат пари, ќе има и ребаланс, но товарот на зголемувањето паѓа врз работодавачите. Проблемот е дали тие ќе може да си го дозволат зголемувањето и дали потоа ќе има други трикови – дел од парите работниците да ги добијат на рака, дообјасни Мицкоски. Од ССМ, кои уште на првомајскиот протест побараа зголемување на сите плати, вклучително и на минималната плата на 450 евра, рекоа дека аргументите се на нивна страна.
-Седницата на Советот се уште трае и таму имаме два партнери – работниците и работодавачите. Ние не се мешаме и ќе ги оставиме да се усогласат, а ние потоа ќе го ставиме договореното на дневен ред – рече Мицкоски.
Премиерот се пофали дека Фондот за ПИОМ е стабилен, а Владата не размислува за зголемување на старосната граница за пензионирање.
-Дупката во ПИОМ за шест до седум години ќе биде нивелирана, Фондот е стабилен, а старосната граница нема да се зголемува. Она што го советува Фискалниот совет за поголем ангажман на пензионерите, веќе и сега постои бидејќи моменталните закони предвидуваат ангажирање и пензионирани лица. Трансферите за Фондот ќе се зголемуваат се додека не се зголемат исплатите од вториот пензиски столб – додаде премиерот.
Мицкоски најави и реформа при исплатата на социјалната помош, бидејќи се констатирани бројни злоупотреби, па дури и некои службеници сега одговараат кривично.
-Размислуваме да воведеме платежна картичка за исплата на социјалната помош, а услов за нејзино користење да биде 50 отсто од тие пари да се трошат исклучиво за набавка на домашни производи, храна, обувки и друго – најави Мицкоски.
Министерот за економија Бесар Дурмиши, неодамна спомна дека предвидени се средства за зголемување на минималната плата за околу 2.000 денари што е согласно со законското решение. Ваквото зголемување, според претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов, не е доволно за преживување, а зголемувањето на минималната плата нема да биде преголем товар за државниот буџет со оглед на тоа дека околу 35.000 работници земаат плата во износ на минимална или под минимална плата.