Мицкоски не очекува оставка на Заев: Не е првпат да не го исполни тоа што го рекол

Христијан Мицкоски / Утрински брифинг
Христијан Мицкоски / Утрински брифинг

 Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски не очекува премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, да поднесе оставка на функцијата, затоа што како што рече, Заев многупати  во минатото не го исполнил тоа што го рекол.

Кога станува збор за тоа кој би можел да го наследи Заев од лидерската функција во СДСМ и би бил нов мандатар, Мицкоски денеска од Охрид пред медиумите рече дека не е негово да се меша во внатрешните работи на противничката партија, оти во СДСМ сами ќе си донесат одлука како понатаму и со кои кадровски решенија.

Ние сме фокусирани да создадеме нова иднина, да не биде тоа само пишано слово на хартија, туку навистина да испорачаме. Триесет години преку глава на граѓаните им е од криминал, наместени тендери, корупција…Тие навистина сакаат да видат засукани ракави и работа, рече тој.

Крај на хегемонистичките барања на Бугарија

На прашањето на новинарите дали очекува промени во позициите на властите во Софија после изборите, Мицкоски јавно апелира до новата влада во соседна Бугарија да ги заборави хегемонистичките барања на нивните претходници и во духот на европските вредности да не ја блокираат државава во почетокот на преговорите со ЕУ, бидејќи, како што рече, државава и народот го заслужуваат тоа.

За енергетската криза и поскапувањето на енергенсите Мицкоски рече дека од директорките на јавните претпријатија во општините слушнал дека цената на електричната енергија е два до трипати повисока од претходно поради, како што рече, „несовесното работење на нивните претходници”.

Тоа е сериозен проблем што ќе ги чувствуваат јавните претпријатија и општините, но и компаниите кои тоа го чувствуват од поодамна. Конечно, тоа на крај ќе го почувствуваат граѓаните. Се организираа во картели за да го пљачкосуваат ЕЛЕМ и РЕК Битола, а сега ќе трошат од државните резерви за санирање на финансиската дупка и сервисирање на недостатокот на електрична енергија. Не чекаат тешки времиња, а многу пари на граѓаните наместо за капитални проекти ќе завршат во приватни џебови, рече Мицкоски.

Инфлацијата е реалност

Лидерот на опозицијата посочи дека инфлацијата веќе е реалност, сите цени на производите се покачени, граѓаните тоа го гледаат секојдневно.

Поскапени се основните производи, млекото, лебот, зејтинот, се е поскапено. Инфлација има, дел е увезена, дел е домашна поради политиките на владата на СДСМ и ДУИ, рече тој.

Што се однесува на најавениот конгрес на партијата за 12 декември и изборот на нов лидер, Мицкоски рече дека ги охрабрува сите партиски активисти кои сметаат дека ги исполнуваат условите за лидерската функција согласно Статутот на партијата да се пријават.

Ставот на Мицкоски и на партијата ВМРО-ДПМНЕ по однос мерките што ги спроведува Комисијата за заразни болести останува неизменет, дека мора да се почитува индивидуалното и уставно загарантираното право на граѓаните на избор дали ќе се вакцинираат.

Единствената мерка што требаше да се донесе, а ќе беше функционална, тоа е веднаш распуштање на Владата, нови избори, а со тоа и да замине министерот за здравство и политикологот Караџовски, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот