Мицкоски напишал писмо до ЕУ – оптимист е за ново, прифатливо решение со Бугарија
Премиерот Христијан Мицкоски вели дека „не би се согласил дека нема оптимизам“ на патот кон ЕУ и дека писмото кое го пишувал до европските институции наскоро ќе биде испратено.
„Не би се согласил дека нема оптимизам. Не би се согласил со ставот дека таму не постои разбирање за нашите позиции“, одговори Мицкоски, додавајќи дека ако не се смени Преговарачката рамка тогаш „најдобро е да прифатиме се и да се избришеме.
„Тогаш најдобро е да прифатиме се што бараат соседите, да се избришеме, и тогаш ќе бидеме најсреќни. Така јас не водам политика Ако некој друг така водел политика во минатото, да ги ограбува граѓаните и да се самоизбришува тогаш тие беа поразени пред 4 месеци. Утре патувам во Берлин ќе има состанок на Берлинскиот процес, ќе разговарам со голем број од европските политичари, пред да го испратам писмото сакам уште малку повеќе да имам јасна слика за тоа до каде можеме и што можеме да направиме“, рече Мицкоски.
Премиерот минатиот викенд најави дека преку разни институционални канали ќе се обрати и ќе работи со Европската комисија и со партнерите за изнаоѓање решение кое ќе биде достоинствено и согласно националните интереси.
“Диктати, да биде јасно, не прифаќам. За овој процес е потребно и разбирање од Унијата, која очекуваме да покаже еднаква верба во европската иднина на нашиот регион како што е и нашата верба. Македонија и нашите граѓани премногу дадоа и предолго се заложници на билатерални проблеми и барања. Не барам сочувства и изговори. Барам почит за мојот народ.Ние планираме да ја вклучиме и опозицијата во процесите, кога ќе дојде време за тоа“, рече Мицкоски.