Мицкоски најавува 35.000 туристи во земјава од следната година – Склучен договор со германски туроператор

Фото: Pexels/ Skitterphoto

Германскиот туроператор „Ер-ес-де“ ќе донесе 35 илјади туристи следната година во земјава, почнувајќи од февруари. Како што најави денеска премиерот Христијан Мицкоски, за земјава ќе значи дополнителни 30 милиони евра директни трошења на овие гости кај нас, што заедно со сместувањето, транспортот и останатите трошоци, вели дека би можело да се дојде до бројката и до 50 милиони евра.

На заедничката прес-конференција со сопственикот на германската компанија Кристијан Франк, Мицкоски изјави дека самата агенција „Ер-ес-де“ има повеќе од една милијарда евра годишен обрт и таа покрај туризмот се занимава со други области како што се маркетингот, телекомуникациите, енергетиката, хотелиерството.

Сопственикот на компанијата Франк, посочи дека овие туристи ќе доаѓаат вон сезона и оти тие како компанија главно работат културолошки патувања.

-Главно работиме културолошки патувања и планираме да донесеме 35.000 гости следната година почнувајќи од февруари и благодарен сум што може да бидеме тука и да покажеме што планираме да правиме. Би сакал да се заблагодарам на премиерот за поддршката и за можноста да дојдеме тука во вашата прекрасна земја и мислам дека во иднина не очекува многу голема работа – рече Франк.

Мицкоски појасни дека од февруари следната година ќе носат по еден авион секој ден со туристи кои доаѓаат од Германија, Франција и од Велика Британија.

-Тоа би значело дека според просекот досега што досега е направен врз основа на искуствата на оваа компанија, тоа би значело дополнителни околу 30 милиони евра директни трошења кај нас на овие гости што ќе не посетат, и ако тука го вкалкулираме сместувањето и останатите трошоци можеме дури и да дојдеме од бројката од 50 милиони евра. Овие 35.000 гости ќе бидат на балканска тура – ќе почне со едно ноќевање во Скопје, потоа продолжува во Црна Гора, Албанија, потоа во Охрид каде што ќе има ноќевање и завршува со две ноќевања дополнителни во Скопје. Бројот на ноќевања што ќе ги имаат претстатвува од 10 до 15 отсто од вкупниот број ноќевања што ги остваруваат странските гости во овој момент кај нас – рече тој.

Планот е, додаде, да ги дуплираме овие чартер летови, но тоа ќе зависи од нас, бидејќи гостите имаат и свои побарувања во делот на сместувачките капацитети, и ие како држава треба да изградиме таков тип сместувачки капацитети кои ќе бидат атрактивни за овој тип на гости.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот