Мицкоски на Самитот на Европската политичка заедница во Будимпешта

Христијан Мицкоски и Викор Орбан / Фото: Слободен печат, Драган Митрески

Случувањата во Украина и на Блискиот Исток ќе бидат главни теми на денешниот петти Самит на Европската политичка заедница во Будимпешта, на кој ќе учествува и премиерот Христијан Мицкоски.

На собирот, чиј домаќин е унгарскиот премиер Виктор Орбан, е најавено учество на 47 шефови на држави или влади од Европа, како и на делегација на ЕУ, што ќе ја сочинуваат претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и високиот претставник за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел.

Во пресрет на Самитот се појавија информации дека Орбан на маргините на собирот ќе организира средба на Мицкоски со бугарскиот претседател Румен Радев, но македонскиот премиер вчера изјави дека таква средба не е договорена, но дека е подготвен за разговори.

-Подготвен сум да разговарам со секого, секаде, врз основа на вистински договор што ќе нè однесе до целта, е не да го направиме само првиот чекор – рече Мицкоски.

Радев: Нема потреба од посредници во дијалогот со Северна Македонија

Инаку, на денешниот Самит во Будимпешта предвидено е да стане збор за главните безбедносни предизвици што ја засегаат Европа, предизвикани од тековните конфликти, пред сè руската агресија врз Украина и актуелната ескалација на насилството на Блискиот Исток.

Покрај ова ќе се одржат и посебни сесии посветени на миграцијата, приливот на илегални мигранти и нивната инструментализација, на економската безбедност, како и на прашања за поврзаноста на енергијата, транспортот, информатичката технологија и глобалната трговија.

На Самитот, покрај земјава, се поканети и останатите пет држави од Западниот Балкан, 27-те членки на ЕУ, како и Андора, Азербејџан, Велика Британија, Ерменија, Грузија, Исланд, Лихтенштајн, Молдавија, Монако Норвешка, Сан Марино, Турција, Украина и Швајцарија.

Првиот Самит на Европската политичка заедница се одржа во Прага во октомври 2022 година и на него главно се разговараше за мировните и безбедносните прашања поврзани со војната во Украина и енергетската криза што таа ја предизвика. На Втората средба на врвот во Кишинев во јуни 2023 година се разговараше за заедничките напори за мир и безбедност, енергетска отпорност и за поврзувањето и мобилност во Европа. Третиот самит се одржа во Гранада во октомври 2023 година, на кој лидерите разговараа како Европа да се направи поотпорна, просперитетна и геостратешки позначајна. Четвртата средба на европските шефови на држави или влади се одржа во јули годинава во замокот Бленхајм крај Оксфорд и на неа се дискутираше за одбраната, заштитата на демократијата, миграцијата, енергијата и поврзаноста.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот