Мицкоски на митинг во Скопје: Ова е наша заедничка борба, народот наспроти корумпираната власт

Христијан Мицкоски / Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски од вечерашниот централен митинг во главниот град ги повика членовите и симпатизерите на партијата, но и како што кажа тивкото мнозинство граѓани, разочараните, оние кои бојкотираат избори, оние кои досега не гласале, до припадниците на сите етнички заедници во недела, на 17 октомври, на локалните избори да ги поддржат кандидатите на коалицијата во општините и независната кандидатка за Град Скопје Данела Арсовска.

-Ова е наша заедничка борба, народот наспроти корумпираната власт. Ова се локални избори со суштинска важност за правецот по кој ќе се движи државата. Ова се избори каде со вашиот избор праќате порака до власта. Вашиот глас е порака до тие коишто ја водат земјава 52 месеци по ред, рече Мицкоски.

Се обрати, како што кажа, до народот на Македонија, до Македонците, до Албанците, до Турците, до Ромите, до Власите, до Србите, до Бошњаците, до мажите и жените, посочувајќи дека од нив зависи дали „ќе создадеме нова иднина, или ќе продолжиме со назадување, со лажни надежи, поделби и апатија”.

Според него, најголемиот глас на овие избори е гласот на тивкото мнозинство. Тоа, истакна Мицкоски, се луѓето чиј глас не се слуша на медиумите, говорниците, на плоштадите.

-Тоа се луѓето кои живеат мирен живот, тоа е огромното мнозинство кое тихува, работи, и ја чува оваа земја. На нивниот ʹрбет се носат институциите, процесите, тие секој ден ја даваат нивната жртва за нашата земја и молчат, но имаат свој став, сакаат и живеат за своите семејства, копнеат за сигурност, ја сакаат Македонија и кога е добро, и кога е тешко, и во победи и во порази. Тие ја сакаат Македонија со своите срца, рече лидерот на опозициската партија.

Гласот на тивкото мнозинство, според Мицкоски, е гласот на разочарaниот работник, на револтираните млади, на тие кои имаат своја компанија и се борат за дневен опстанок на компанијата која им е сè и за која вложиле сè, на угостителите со кои експериментира оваа власт, на работниците по скелињата, на таксистите по улиците, на просветните и културни работници, на актерите кои сонуваат за големи улоги и полни театри, гласот и на музичарите, уметниците, на убавите луѓе во нашите градови но и селата, земјоделците.

-Новата иднина зависи лично од нивниот глас. Гласот на тивкото мнозинство со кој победува надежта и заедничката среќа. На 17-ти октомври излезете и поддржете создавање на нова иднина. Време е за вашиот глас, за Македонија, рече тој.

Ги повика разочараните, оние кои си бараат причина да не ја поддржат ВМРО-ДПМНЕ, но и кои сигурно имаат оправдана причина да бидат незадоволни, потенцирајќи дека е време овој пат да ги остават сите нивни разлики и да излезат на гласање бидејќи секој глас е потребен.

-Затоа што вашето игнорирање значи глас за Заев кој ќе помисли дека сè му е дозволено и дека може сè да направи, потенцираше Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ побара поддршка и од оние кои планираат својот глас да го дадат за условно речено помалите партии бидејќи така само се разделува опозицијата.

-Добро измерете, добро проценете дали вреди да инвестирате во нешто што знаете дека нема да ги оправда вашите очекувања. Ад хок партии кои се создадени да ловат, да го ловат вашето незадоволство и разочараност и да си играат со емоциите на народот, преку испади и трикови кои не можат да донесат реален прогрес. Тоа се екскурзијанти во политиката. Ова за нив е хоби и уште една тезга, а за вас и за целиот народ се работи за вашиот живот. Поддржете нè, затоа што ние ќе застапуваме тоа што вас ви е потребно, а тоа е вашиот глас, и така ќе има вашиот глас најголема гласност, истакна Мицкоски.

Побара да излезат и да гласаат оние кои во минатото бојкотираа, оние кои не планираа досега да гласаат за ниту една партија посочувајќи дека не треба да дозволат да пропадне нивниот глас.

-Не сме сите исти, и не сум ист со оние против кои се борам. И треба да бидеме свесни дека останувањето дома скоро никогаш не вродило со плод во минатото, и дека неискажувањето на ставот нè прави помалку одговорни за сите работи кои нè допреле изминативе 30 години. Затоа што години од денес, не е сеедно кога нашите деца ќе прашаат на чија страна сме биле кога се носеле одлуките, рече Мицкоски.

Ја побара поддршката исто така и од оние кои, како што рече, традиционално гласале за СДСМ, но си ја сакаат Македонија и Македонија и длабоко во себе знаат дека со Заев нема иднина.

-Знаат дека гласот за Заев е глас и за срамот кој ѝ го носи на Македонија, и глас за криминалците околу него, сеедно дали е батето или некој друг од тоа опкружување. Таа партија сега им припаѓа на триесет до четириесет луѓе кои ги ползуваат придобивките од власта и неколкумина климачи околу нив. Затоа не гласајте за Заев и казнете ги политиките кои ни носат порази и ни ја одземаат колективната иднина, рече лидерот на опозициската партија.

Мицкоски побара поддршка и ги повикува да излезат да гласаат оние на кои, како што кажа, црвената и црната боја им се во срцата.

-Истите оние кои ни замеруваат понекогаш дека сме млаки, недоволно остри, дека попуштаме. На овие избори сите ние имаме заеднички противник, името му е СДСМ и Зоран Заев, со кого секој ден Македонија ја има сè помалку. Македонија и мене и вам ни е најважна. И знајте дека ВМРО и Македонија секогаш биле сопатници низ времето и сè додека го чуваме огнот во нашите срца, ќе дојде време и за поголем пламен од кој Македонија ќе се врати, рече Мицкоски.

Херои на нашето време, според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, се обичните луѓе, на кои политичарите им должат борба за нивниот стандард.

-На половина милион луѓе кои и денес живеат со по 150 денари на ден им должиме борба за нивниот стандард. На семејствата кои по продавниците денес плаќаат поскапо масло за јадење, брашно, бензин, шеќер, сол, мора да им обезбедиме заштита на нивниот стандард. На младите мора да им обезбедиме шанса за развој, за квалитетно образование, пристојна работа, сигурност. За целиот народ – еднаква грижа од државата, наспроти сегашните поделби и конфликти. Рушење на стереотипи, бариери, рече Мицкоски.

Зборувајќи за власта рече дека „кога гледа каква надворешна политика водат, го фаќа срам”.

-На нашите соседи им должиме искрен однос, искрена желба за градење на пријателства кои мора да се на принципот на реципроцитет, и взаемно почитување. Нема почит за тие кои не нè почитуваат, но ќе има подадена рака, за тие кои подаваат рака за пријателство. Треба да се заборават подметнувањата, договори кои се потпишуваат на слепо за да се спасат десетина кариери, како таа на Заев, затоа што јас и луѓето околу мене никому не должат освен на својот народ, рече Мицкоски.

На централниот митинг претседателот на ВМРО-ДПМНЕ побара поддршка за независната кандидатка за градоначалник на Скопје Данела Арсовска, како и за советничката листа на коалицијата предводена од опозициската партија предводена од проф. Трајко Славески.

-Скопје заслужува градоначалник кој ќе гледа на градот како на свој дом, а не човек преполн со неоправдана ароганција, самобендисаност чија неработа само ги продлабочува проблемите. Денес Скопје е замрено, со Скопје се експериментира. Шилегов на градот гледа како на банка од која се печали за уште некоја куќа, некој стан или зграда повеќе на личното конто, рече Мицкоски. 

На главниот град, според него, му треба работник човек кој е спротивност на тоа што е Шилегов.

-Данела Арсовска не е политичар, и никому не должи, и нема потреба да станува успешна преку функцијата на која претендира. На градот му е неопходен менаџер кој ќе решава проблеми, а не градски татко кој ќе ги става под тепих. Данела е гласот на независните луѓе, но и човек кој знае да обединува од сите партии, од сите групации, но и да предводи. Заокружувањето на бројот 82 на гласачкото ливче за градоначалник на Скопје ќе значи поддршка на Данела за Скопје, за градоначалник кој ќе создава модерен град, град кој ќе биде поврзан, кој ќе комуницира, и кој ќе биде средиште на настани и случувања, нагласи Мицкоски.

За носителот на советничката листа во Скопје, професорот Трајко Славески рече дека е искусен човек, докажан професионалец, кој со Арсовска ќе бидат одличен тим и добитна комбинација за развој на градот.

-За Скопје кое е поврзано, за Скопје кое е зелено, кое има модерни сообраќајни решенија, почист воздух и запрена бетонизација. Се бориме за модерно Скопје и резултати кои ќе дојдат брзо и сигурно, рече Мицкоски. 

На митингот во Скопје беа претставени и кандидатите за советници за Град Скопје, како и кандидатите за градоначалници на скопските општини на ВМРО-ДПМНЕ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот