Мицкоски ја смени стратегијата, дали е доцна?

Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Третиот столб кој требаше да ги подобри односите со Албанците донесе една голема нула, или вредноста на рејтингот кон ВМРО – ДПМНЕ моментално го има кај албанската популација.

Ја гледам рано почнатата кампања на политичките партии за локалните избори во октомври и додека размислувам за очигледното кршење на изборниот закон со прерано започната кампања од страна на сите политички партии, не можам а да не ја приметам ребрендираната стратегија на ВМРО – ДПМНЕ.

Со слоганот „Македонија за сите луѓе” опозицијата прилично очигледно ја копира стратегијата на СДСМ “Едно општество за сите”, но тоа и не е толку страшно, бидејќи опозицијата отстапува од тврдата мононационална политика и се обидува да допре и до граѓаните од останатите етникуми. После изгубените локални, претседателски и парламентарни избори Христијан Мицкоски очигледно доцни зад визијата на Заев со која се собираат гласови кај останатите задници, но веројатно дека никогаш не е доцна да се смени став, само се губи време, енергија и пари.

Она што е чудно кај Мицкоски е зошто тој самиот одстапи од своите три столба кои ги најави кога ја превзема ВМРО – ДПМНЕ од Никола Груевски. Тогаш новиот опозициски лидер кажа дека неговата стратегија ќе се базира врз внатрешно помирување во партијата, подобрување на односите со меѓународната заедница и подобрување на односите на партијата со останатите етникуми, пред се Албанците. Но со своите постапки Мицкоски не само што не исполни ниту еден од своите критериуми туку трите столба ги претвори во пепел.

Внатре партијата никогаш не била поподелена, Мериот коалиции, Конрад Аденауер коалиции, останати групации, соло играчи, поделеност без граници. Мицкоски успеа да ги отуѓи и единствените тројца градоначалници на ВМРО – ДПМНЕ, оние во Илинден, Сопиште и Кавадарци и пред локалните избори ниту таму нема чиста ситуација.

Во однос на меѓународната заедница Мицкоски сè уште функционира во ЕПП, но пораките кои ги добива од таму воопшто не соодејствуваат со ставот на партијата, особено оние поврзани со Преспанскиот договор. Мицкоски се среќава директно само со Јанша и со Орбан и тука нема потребно од посебен коментар.

Американската амбасадорка во земјава Кејт Брнс му посвети внимание на Мицкоски само да му ја објасни наредбата на Бајден за ставање на црна листа на противниците на Преспанскиот договор и иако нема такви информации очигледно дека некој од ВМРО – ДПМНЕ ќе биде прв што ќе биде ставен на таа листа. Односот кон Преспанскиот договор кој беше донесен под покровителство на ОН, САД и ЕУ е сидрото кое го држи бродот на Мицкоски закотвен во меѓународна изолација. Тука ВМРО – ДПМНЕ направи катастрофална грешка бидејќи со негирањето на Преспанскиот договор не доби буквално ништо.

Ниту домашни избори ниту меѓународна подршка, а Мицкоски само требаше да ја ископира стратегијата на соседот Мицотакис, каде грчкиот премиер настапи со став дека не му се допаѓа Преспанскиот договор но дека тоа е реалност и дека мора да се почитува. Последниот став на Мицкоски дека додека постои ВМРО – ДПМНЕ нема да го признаат Преспанскиот договор е само адолесцентно инаетење со кое партијата се дозакопува и се движи кон следен изборен пораз. Како што кажал Винстон Черчил “оние кои не го менуваат ставот не менуваат ништо”, најмногу одговара на ставот на Мицкоски и всушност наликува на поведението на Груевски кој знаеме како заврши.

Третиот столб кој требаше да ги подобри односите со Албанците донесе една голема нула, или вредноста на рејтингот кон ВМРО – ДПМНЕ моментално го има кај албанската популација. Тоа значи дека ВМРО – ДПМНЕ нема никакви коалициски капацитети на следни избори, и додека најавената коалиција на СДСМ – ДУИ за локалните избори очигледно ќе направи ршум низ општините, додека ВМРО – ДПМНЕ и Алијансата на Албанците не смеат да ја објават својата коалиција јавно бидејќи очигледно повеќе ќе изгубат отколку што ќе добијат. Да бидат работите полоши во меѓувреме се појави и квазилевичарот Димитар Апасиев кој успешно ги собира “патриотските” гласачи и одзема од контото на ВМРО – ДПМНЕ. Така доаѓаме до последните пораки на Мицкоски кои воопшто не се лоши.

Идеите за регулација на тргувањето со криптовалути и децентрализацијата на институциите се инвентивни и модерни идеи кои Мицкоски требаше да ги претставува пред 3 години. Обидот да се направи граѓанска кампања е исто така добар, но Мицкоски доста доцни со перцепцијата за гласачкото тело и сфаќањето на политичката стартегија, и во таа област Зоран Заев е многу попрониклив и има поширока општествена визија. Дали стратегијата на Мицкоски ќе донесе плод на локалните избори е прашање бидејќи времето е кусо, и очигледно дека резултатот ќе биде преставен како нова победа на СДСМ и ДУИ. Во политиката како и во сè останато тајмингот е важен, сегашната стратегија на Мицкоски можеби ќе даде плод на следните парламентарни избори, секако доколку после поразот на локалните тој остане лидер на партијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот