Мицкоски ја обвини власта дека го казнува народот, од СДСМ му одговорија дека се занел во улогата

Фото: МИА/принтскрин

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски при денешната посета на општина Бутел соопшти дека градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ дадоа отчет за сработеното пред граѓаните и најави дека ги отвораат општините за да може граѓаните сами да дадат предлози кои ќе се реализираат во буџетот од следната година.

Според Мицкоски, поради сето она што се случува во државата, како што рече, потребни се избори. Периодот што следи, подвлече, ќе ја разгледаме и можноста за интерпелација на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

– Добро е да се почне од почеток, да се направи една ретроспектива од снимените разговори на обвинители и судии кои завршија во депото на МВР, а никој до ден денеска не понесе одговорност како тоа обвинители и судии се снимени, па да завршиме со ова последно дивеење на една криминална банда за која што сите ние знаеме дека функционира на територијата на општина Арачиново. МВР, поради тоа што врвот на министерството е соработник на оваа банда, е немоќно да им се спротивстави и тие луѓе кои што, зборувам за полицајците кои се нашле во една непријатна ситуација можеле многу лесно да бидат жртви на оваа криминална нарко-банда, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, точно се знае во Арачиново која е групата, каде живеат и со што се занимаваат. – Оставаме државата, односно министерството да си го заврши она за што е надлежно. Ние не сме ниту Министерство за внатрешни работи, ниту судии, ниту обвинители. Ако видиме дека и понатаму продолжуваат, нормално е дека ние ќе ги објавиме, но со објавување ние ќе влеземе во чевлите на воајерски пристап во политиката. Нас ни требаат дела, конечно нешто да се направи, не само да зборуваме, рече Мицкоски.

Прашан за презентацијата на буџетот за 2023 година, Мицкоски посочи дека ситуацијата со економијата во државата е алармантна, нема стабилна економска политика и поради тоа бизнисмените не можат да прават инвестиции и кога нема инвестиции нема ни развој, а има се повеќе сиромаштија.

Одговарајќи на новинарско прашање до каде е процедурата за најавеното издавање на општински обрзници во Штип, Мицкоски соопшти дека Општина Штип доби дозвола за издавање на обврзница, а Владата, како што рече, ја кочи.

„Македонската влада го казнува својот народ затоа што не ги гласаше на избори и затоа што на последните им се случи дебакл, така што иако Општина Штип доби дозвола од сите институции на системот за издавање на општинска обврзница, Владата е таа која што ја кочи процедурата, односно ја трга точката од дневен на владина седници или пак воопшто не ја става“, рече Мицкоски.

Од СДСМ испратија реакција на оваа изјава на Мицкоски, која ви ја пренесуваме во целост:

„Христијан Мицкоски толку се соживеа со улогата на шпицен градоначалник, што сега најавува отворени денови во општините раководени од ВМРО-ДПМНЕ. Општините и по Законот за локална самоуправа треба да бидат постојано отворени за граѓаните, но тоа не важи за ВМРО-ДПМНЕ. Мицкоски треба да организира отворени денови во Белиот дворец, во нелегално стекнатата палата на криминалот. Таму граѓаните да можат да го видат скапиот паркет од 75.000 евра, вазните, лустерите од стотици илјади евра но може и да даваат идеи за тоа како би се искористила луксузната зграда откако ќе биде запленета од државата, затоа што е нелегално стекната и тоа е потврдено со судска пресуда. За други идеи Мицкоски нема кредибилитет да зборува, општините кои ги води ВМРО-ДПМНЕ, хаосот во главниот град, Скопје покажува колку шпицниот градоначачлник заедно со сите негови градоначалници се неспособни“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот