Мицкоски: Имаме силни докази за криминалот од 6,5 милиони евра во РЕК Битола, Ковачевски не е во земјата, ќе го вратиме
Премиерот Христијан Мицкоски соопшти дека согласно информациите кои ги има од структурите на МВР, се работи за организирана група на високи претставници на РЕК Битола, како и за лица кои управуваат со други правни субјекти, кои се здружиле и направиле криминал од 6,5, милиони евра. Според него, најдени се и обезбедени многу докази, но ќе остави на Јавното обвинителство и судовите да си ја завршат работата.
Претходно, медиумите објавија дека е во тек голема полициска акција во која се апсат лица од поранешното раководство на Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) и РЕК „Битола“ осомничени за злоупотреба на јавни набавки. Неофицијално, меѓу осомничените е и поранешниот директор на ЕСМ и РЕК Васко Ковачевски, но полицијата не успеала да го пронајде дома. Мицкоски го потврди „отсуството“ на Ковачевски и рече дека тој не е во државата подолго време, но наскоро ќе биде обезбеден.
-Сите приведени лица, освен Ковачевски, кој набрзо ќе биде обезбеден ќе ги изведеме пред лицето на правдата и тие треба да дадат одговор за сомневањата кои ги имаме. Загрижувачки е тоа што е најдено, а се однесува на криминалите кои се правени. Знаете дека бевме обвинувани дека многу малку сме презеле акции во насока на обезбедување на лицата кои се вплеткани во криминални активности. Но, ние, велевме и баравме трпение, бидејќи мора да имаме јасна процедура и најважно од сè е да има соработка меѓу двата клучни фактори – обвинителството и судството. Тие досега беа лојални на претходните структури, но сега како да гледам дека сè повеќе се приближуваат кон правдата. Ја повикувам јавноста будно да следи, а сè што зборуваме за организираниот криминал ќе ѝ биде достапно на јавноста, а доказите ќе ги изложуваме транспарентно. Нема да правиме циркус или естрада, правдата е спора, но на крајот победува – рече Мицкоски.