Мицкоски е сто отсто задоволен по повод 100 дена Влада
Таа хармонија и пријателски дух што владее во коалицијата, на моменти има различни мислења, но тоа не значи дека не се согласуваме за стратешките прашања, а тоа се интересите на народот, кои ние треба да ги исполниме оти тој е заслужен што сме овде пред вас и можеме да кажеме дека имаме успешни 100 дена зад нас, рече премиерот Христијан Мицкоски.
Првите 100 дена од изборот на новата Влада не беа лесни, но беа клучен период во кој многу работи станаа јасни – каде сме и каде треба да одиме и што е потребно за да стигнеме таму, порача премиерот Христијан Мицкоски на отчетот за сработеното во првите сто дена од владеењето. Тој рече дека е горд на својот владин кабинет, зашто министрите сто отсто ја исполниле шансата што ја добиле. Најави дека ги почнува реформите во правосудството, зашто од тие коишто ги критикувале не добиле ниту еден предлог како правосудството да се подобри, но не прецизира дали тоа значи распуштање на советите на обвинителите и на судиите. Како владини партнери немаат секогаш исти мислења, но најважно е дека излегуваат со усогласен став за прашањата. На СДСМ му порача да се консолидира зашто на власта ѝ треба силна опозиција, а на ДУИ да не потпалува со националистичка реторика.
– Покажавме дека сме одлучни и посветени да се справиме со предизвиците без разлика на опструкциите со кои се среќаваме и проблемите и стапиците што се поставени пред нас – рече Мицкоски и оцени дека 100-те дена не биле лесни, но и дека се само почеток на владеењето.
Тој истакна дека иако наследената состојба била многу полоша отколку очекуваното, за 100 дена реализирале, донеле или почнале повеќе од 100 проекти, мерки и одлуки. Како Влада на народот, ги слушале и критиките што во изминативе 100 дена им биле упатени. Потврди дека имало и грешки, но оти веднаш се коригирале.
– Имаше и гафови. Но тие се природна работа додека не предизвикуваат катастрофални грешки. Лошо е ако мислиме дека сè знаеме и дека гласот на јавноста, на народот, воопшто не важи. Да, направивме по некоја грешка и секогаш без исклучок се коригиравме. Има критики дека бавно се именувале кадри, но сакавме да ги избегнеме забелешките дека ги партизираме институциите – рече премиерот.
Хармонија во коалицијата
Тој додаде и дека ги продолжиле добрите проекти од претходната власт, какви што се странските инвестиции.
– Она што ме прави горд и задоволен од првите 100 дена, дека сите во најголем дел што ја добија шансата, ја исполнија дадената можност без оглед од која партија доаѓаат. Ова е коалиција што има речиси двотретинско мнозинство. Таа хармонија и пријателски дух што владее во коалицијата, на моменти има различни мислења, но тоа не значи дека не се согласуваме за стратешките прашања, а тоа пак се интересите на народот, кои ние треба да ги исполниме оти тој е заслужен што сме овде пред вас и можеме да кажеме дека имаме успешни 100 дена зад нас. Сто отсто сум задоволен од секој што доби шансата во овие 100 дена – рече премиерот.
На прашање што сработил вицепремиерот Љупчо Димовски, Мицкоски рече дека не е апсолутист и дека вицепремиерот наскоро ќе одговори. На критиките на опозицијата дека Вреди во Владата добила повеќе или дека ВМРО-ДПМНЕ ги понижила коалициските партнери, премиерот оцени дека се критики на очајната опозиција и дека едната се бори да опстане на политичката сцена, а другата мисли дека преку национализам ќе се врати на политичката сцена, бидејќи нема што друго да понудат. Тој рече дека не смееме да се вртиме кон тие политичари што ќе останат запаметени по многу корупција и многу предавства на сметка на личните интереси.
– ДУИ во изминати 21 година не постигна стратешки цели, но успеа да расели 100.000 Албанци. СДСМ, која на лага ја задржуваше власта зашто се бори да опстане на политичката сцена. Им порачувам и на едните и на другите дека Владата има потреба од силна и конструктивна опозиција, со која ќе се натпреваруваме за проекти, реформи, секоја тема што ги злоупотребува чувствата на граѓаните не може да нè обедини. Владата сака да обединува и затоа има речиси двотретинска поддршка – порача Мицкоски.
Од борбата против криминалот и корупцијата нема да прави естрада
За критиките зошто бавно оди борбата против криминалот и корупцијата, односно зошто не апсат, Мицкоски рече дека нема од тоа да прави естрада, ниту, пак, ќе манифестира сила, моќ и реваншизам.
– Човечки е да се простува, но криминалот и корупцијата мора да се казнува, за тоа има институции каде се водат тие процеси. Процесот е тежок оти има партиски октроирано и заробено судство и обвинителство, и тоа не мислам за сите обвинители и судии. Затоа тргнавме со реформи на правосудството и дадовме рок дека до крајот на септември чекаме предлози од тие што критикуваа. Вчера измина рокот за предлози и, за жал, не стаса ниту еден предлог. Од денеска почнуваме да го развиваме нашиот систем, нашата методологија за реформи во правосудниот систем оти граѓаните немаат време за чекање. Жалам што толкави огромни плати добиваат поединци, а работата која ја испорачуваат е никаква. Нема запирање во реформите во правосудството – рече Мицксоки.
На прашањето дали за ДУИ е целосно затворена врата за соработка, премиерот рече дека тоа што гласале за двотретинските закони нема никаква врска со приближување кон Владата.
Лидерот на СДСМ Венко Филипче оцени дека од Владата слушаат само изговори и обвинувања на претходниците за секоја своја неспособност.
– Влада што врши брутална партизација со некомпетентни кадри и секојдневни скандали на министрите. Одговорност за политичарите и функционерите нема, а вистината е заменета со постојана пропаганда. Досега не исполнија ништо од ветувањата за граѓаните, а неисполнувањето на големите ветувања носи и големи разочарувања – рече Филипче.
Тој додаде дека нема покачување на минимална плата на 450 евра и дека се враќа политиката на евтина работна сила, дека мерките се задоцнети и без ефект. За сто дена, рече Филипче, нема ниту никаква трага од епскиот криминал што наводно ќе го докажуваа.
– Наместо докази и постапки во институциите за прогон, имаме секојдневни прес-конференции на ВМРО-ДПМНЕ за јавен линч на опозицијата. Мицкоски партиската говорница ја претвори во јавно обвинителство. Се враќа времето на најлошата пропаганда со која ќе се уништуваат животите на невини луѓе – нагласи претседателот на СДСМ.
Според него, за сто дена пропаднаа и ветувањата за реформи во судството, дека нема ни трага од мудрата дипломатија што требаше да нè направи повторно горди и ВМРО-ДПМНЕ ги разочара сите по ова прашање.
– ВМРО-ДПМНЕ за 100 дена ја закопа европската иднина на државата и ја остави државата на дното на Балканот. Ниту понуди јасен пат како напред, ниту понуди алтернатива. Мицкоски одлучи еднострано да ги прекине преговорите со Унијата како државата да е негова своина. Тој нема ниту мандат ниту право тоа да го прави – предупреди Филипче.
Тој посочи дека во првите месеци добивме и одговор на клучното прашање, а тоа дали вистина ДУИ замина во опозиција.
– Вистината е дека ВМРО-ДПМНЕ има изгласано повеќе закони заедно со ДУИ отколку со Вреди. Реалноста е дека додека дење се обвинуваат за дестабилизација на државата, ноќе во Мала Речица прават договори како да се гласа во Собранието. Тајните политички сојузи и лицемерието на ВМРО-ДПМНЕ остануваат единствена одлика на оваа партија – оцени Филипче.