Мицкоски ѝ се пожали на германската амбасадорка: Владата нема капацитет да се носи со предизвиците

Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, заедно со потпретседателот на партијата Александар Николoски, се сретна со германската амбасадорка Анке Холштајн, при што разговарале за актуелната општествено-политичка состојба, економските предизвици, интеграциите на државата во Европската Унија и прашањето со Бугарија.

Како што соопштија од ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски на средбата ја истакнал својата загриженост за економската состојба и енергетската криза, чии последици од неадекватното управување на политиките, се кршат на грбот на граѓаните. Според него, владата нема капацитет да се носи со предизвиците со кои се соочуваат граѓаните и оти недостатокот на кредибилитет за носење одлуки ја наметнува потребата за предвремени парламентарни избори како излез од кризата и ресетирање на општеството.

-Претседателот Мицкоски ја потврди заложбата државата да добие датум за преговори и покрај фактот што Владата не испорача резултати во борбата со криминалот и корупцијата. Македонија не смее повеќе да биде заглавена во чекалницата на ЕУ и да биде жртва на спорот со Бугарија создаден во време на оваа влада, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Тој, се додава во соопштението, рекол дека секое решение на спорот треба да биде во рамките на усвоената резолуција во Собранието која беше поднесена од ВМРО-ДПМНЕ, а прифатена од парламентарното мнозинство и која во себе ги соддржи „црвените линии на државава“.

Видео на денот