Мицевски: Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата ќе поднесат интерпелација за Џафери

Фото: Архива

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Обнова за Македонија“ ќе поднесат интерпелација на Претседателот на Собранието Талат Џафери, информира денеска координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.

– По вчерашниот ден во кој ние пратениците бевме заклучени во пленарната сала по наредба на Талат Џафери веќе е кристално јасно дека Собранието не е повеќе демократска институција, туку институција заробена од еден автократ кој си дозволува да се однесува како Собранието да е приватна своина, непочитувајќи никаков Деловник и кршејќи ги основни човекови права. Талат Џафери, со своите диктаторски и непринципиелни методи не смее ни ден повеќе да го води Законодавиот дом. Овој човек нема почит кон никого, ниту кон собраниската служба која ја вреѓаше и пцуеше на најбезобразен начин, ниту кон пратениците за кои се дрзна да им го ограничи правото на движење и ги заклучи во пленарната сала. Почитувани граѓани, ова се крици на еден немоќен и неспособен човек којшто не може да изгради сопствен авторитет ниту кај службата ниту кај пратениците и затоа незнаејќи што да прави се дрзнува насила да спроведува режим кој што е далеку од демократски. За Талат Џафери не постои Деловник, не постојат човекови права. Овој автократ е влезен во филм дека никој ништо не му може и дека е недопирлив и затоа мора да си оди подалеку од храмот на демократијата, рече Мицевски.

Според него, се што прави Џафери, прави со амин на коалицискиот партнер СДСМ.

– Сакаме да додадеме дека сето ова случува со амин и знаење на СДСМ кој секојдневно ги брани постапките на Џафери сакајќи најлошиот претседател на Собранието во историјата да го претстави како најдобар. Ова е одговорност и на СДСМ, кој заедно со Џафери ги приредува овие циркуси во Собранието. Нас ни е јасно дека Џафери и СДСМ ќе направат се, повторно да избегаат од одговорност како многупати досега и исто така им порачуваме дека оваа интерпелација не смее да заврши повторно кај него во фиока и никогаш да не ја стави на седница како што се случи со предходната што ја поднесовме. Редот и функционирањето на Деловникот мора да се вратат во Собранието на Република Македонија. Самоволието, деспотското раководење и сите други методи на кои е навикнат Џафери може да си ги применува само во својата партија и кај него дома – нагласи Мицевски.

Претходно и пратеникот на Левица, Димитар Апасиев најави интерпелација на спикерот Џафери.

ВИДЕО: Инцидент во Собранието, Џафери ја заклучи салата и ги исклучи микрофоните

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот