Мице Јанкуловски ја доби наградата „Најдобар уметник“ на Биеналето во Ларнака

Македонскиот сликар Мице – Мицко Јанкуловски на уметничкото биенале во Ларнака ја доби наградата „Најдобар уметник“. Биеналето во Ларнака беше отворено на 13 октомври, ќе трае до 26 ноември 2021 година и се одржува на тема „Безгранични граници“.

Образложението и мотивацијата за доделувањето на наградата на Мице Јанкуловски ја даде Советот на биеналето.

– Црната не е боја, тоа е граница што сугерира дека ништо не постои понатаму, но црните слики на Јанкуловски на најсугестивен уметнички начин докажуваат дека, сепак, има многу повеќе во црнилото, со што се кршат границите на веќе познатото. Парадоксално на очекувањата за надминување на границите со проширување, Јанкуловски ја постигнува неограниченоста во неговите слики со стеснување, фокусирање, всушност, со отфрлање на другите бои, четки – сите атрибути на класичниот медиум во кој работи – сликарската уметност.

Оваа континуирана потрага да се види што има преку границата со користење само на класични, аналогни алатки (без помош на новата технологија), заедно со главните уметнички и концептуални атрибути што ги препознавме во неговите слики: монохромност, модуларност, мултипликација и минимализам, се вредни аргументи за доделување на оваа награда – стои запишано во образложението на Советот на Биенале Ларнака.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот