Закон има, казни има, но нема кој да ги спроведе – Изметот од милениците главен декор на зеленилото во Скопје

Од Град Скопје тврдат дека постојат инспекциски служби и редари кои редовно вршат контрола на јавните зелени површини. Прецизен одговор за тоа колку казни досега се изречени, нема.

197

Парковите и игралиштата за деца како места каде граѓаните треба да уживаат во своето слободно време, стануваат се повеќе окупирани од милениците. И тоа не би било никаков проблем доколку нивните сопственици имаат малку поголема свест и го собираат изметот кој нивните кучиња го оставаат зад себе.

Граѓаните реагираат дека им е страв да ги пуштат своите деца во тревниците, бидејќи е невозможно тие да играат, а да не згазнат во кучешки измет.

– Многу сум изреволтирана. Имам две деца и буквално не можам да го тргнам погледот од нив кога се надвор, бидејќи уште се мали за да знаат што треба да фаќаат, а што не. Насекаде има измет. Кога веќе ќе се стори нешто? Ќе ги научи ли некој сопствениците на кучиња да си чистат по своите миленици? Не сме должни ние да им го собираме изметот со чевлите и да им го миеме – вели една скопјанка.

Согласно Законот за јавна чистота, казна за сопствениците кои не го собираат изметот на своите миленици постои и таа изнесува 50 евра, но колку овој закон се применува, останува нејасно.

Од Град Скопје тврдат дека постојат инспекциски служби и редари кои редовно вршат контрола на јавните зелени површини. Прецизен одговор за тоа колку казни досега се изречени, нема.

Како проблем се јавува и недостигот на специјализирани канти за измет од миленици. Сопствениците кои го собираат изметот од милениците велат дека немаат каде да го фрлат, бидејќи казниво е да се фрла во регуларни канти.

– Градот Скопје редовно поставува специјализирани канти за миленици во сите поголеми паркови, а вакви канти има и во сите специјализирани паркови за миленици. Работиме на константно зголемување на нивниот број и локации. За жал, слично како и за останатата урбана опрема, таа често е предмет на уништување од страна на несовесни лица – велат од Град Скопје.