Шилегов тргна да го чисти дворот на „Пелагонија“, иако не било негова надлежност (ВИДЕО)

Директорот на домот, Муртезани најави видео надзор кој е во постапка да се воведе и казнени мерки за студентите коишто ќе ја загадуваат средината.

383

Откако фотографиите со ѓубрето од студентскиот дом „Пелагонија“ го привлекоа вниманието на граѓаните на социјалните мрежи кои упатуваа критики кон студентите кои домуваат таму, но и кон самата општина, градоначалникот на Скопје Петре Шилегов, денеска држеше прес-конференција пред домот каде во исто време „Комунална хигиена” вршеше акција за чистење. Инаку студентите ден претходно самите си го исчистија ѓубрето во дворот на домот.

Шилегов апелираше до студентите, но и до граѓаните, да се грижат за средината.

– Мислам дека е добра можност да упатам апел до сите институции да си имаат организирани служби или постапки за чистење на отпадот и сите општини да се грижат за подобрување на нивото на јавната средина – изјави Шилегов.

Тој исто така спомна дека граѓаните пред се, се тие кои треба најмногу да внимаваат на средината и напомена дека не е надлежност на Град Скопје да се грижи за хигиената во домот „Пелагонија“.

На прес-конференцијата исто така беа присутни и градоначалникот на општина Кисела Вода, Филип Темелковски, директорот на студентскиот дом, Бујар Муртезани и директорот на „Комунална хигиена”, Абдусамед Шабани.

За да се спречи повторување на овој настан, Муртезани најави видео надзор во домот кој е во постапка да се воведе и казнени мерки за студентите коишто ќе ја загадуваат средината.