„Паркирај совесно” – кампања за поголема безбедност во сообраќајот

Едуцирање на учениците од трета година во средните училишта во Скопје.

53

Како најмлади идни активни учесници во сообраќајот, за правилно и прописно паркирање, развивање на сообраќајна култура и свест за безбедно однесување во сообраќајот, како и стекнување на основни предзнаења за сообраќајот, се целите на едукативниот проект за безбедност во сообраќајот „Паркирај совесно” што беше промовиран денеска од страна на Министерството за внатрешни работи, Град Скопје, Општина Центар, како и Јавните претпријатија Паркинзи на општина Центар и Градски паркинг.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски рече дека со цел да бидат поагилни во делот на превенцијата, полицијата во изминатата година драстично ги интезивирала активностите во делот на надлежностите, во однос на откривање и санкционирање на сообраќајните прекршоци.

– Во контекст на проектот „Паркирај совесно” сакам да истакнам дека во текот на минатата 2018 година, на подрачјето на главниот град Скопје, беа откриени над 26.000 прекршоци по основа на непрописно паркирање. Решавањето на проблемот со непрописно паркираните возила е особено важно за да се зголеми безбедноста на пешаците и велосипедистите чии што простори за движење се узурпирани од непрописно паркирани возила, посочи Спасовски.

Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов наведе дека подолг временски период градот се соочува со сериозен недостаток на обележани паркинг места и статистиките покажуваат дека во Скопје има девет до десет возила на едно обележано паркинг место.

– Како и проблемот со аерозагадувањето, овој проблем не може да добие моментално решение, имајќи го предвид дефицитот на обележани места и е предмет и на анализа и на една посериозна обработка, а паралелно со ова ние како Град во текот на изминатава година се обидуваме да го дестимулираме автомобилскиот сообраќај со воведување на малку поатрактивни содржини и зголемување на можностите кај граѓаните на Градот за алтернативен вид на јавен транспорт, рече Шилегов.

Додаде дека заедно со МВР сметаат дека Градот Скопје треба да воведе Комунална полиција, за како што рече, во целост да можеме да одговориме на обврските.