Насилно отстранети столпчињата кај ООУ „Војдан Чернодрински“

Од општината повикуваат да престане свесното уништување на урбаната опрема, со што се прави директна штета за населбите, но и на нивниот буџет.

245
Фото Општина Карпош

Насилно се отстранети заштитните столпчиња, долж тротоарот, кај основното училиште „Војдан Чернодрински”, во урбаната заедница Владо Тасевски (Млечен), соопшти општина Карпош.

Овие столпчиња, посочуваат од општината, се поставија по барања на повеќе заедници на сопственици – граѓани, од различни згради од овој дел на Карпош, со цел тротоарите да бидат безбедни и слободни за движење за најмладите.

Од општината повикуваат да престане свесното уништување на урбаната опрема, со што се прави директна штета за населбите, но и на нивниот буџет.

Во изминатиот период, на територија на Карпош бевме сведоци на свесно уништување на новиот летниковец во Влае, реквизити на детското игралиште во Тафталиџе 2, новопоставени корпи за отпадоци и клупи во Карпош 3 и Карпош 4. Секој оној, кој ќе продолжи со насилството и вандализмот, мора да биде санкциониран, наведуваат од општината.