Наместо нов Луна парк, скопјани добија сцена за хорор филм (ГАЛЕРИЈА)

Поранешниот градоначалник Коце Трајановски, со години ветуваше дека ќе изгради нов Луна парк, но Градот не успеа да најде инвеститор. Во 2017 година беше почната изградбата на новиот забавен парк кој беше предвиден да се гради во барок стил, а трошоците беше предвидено целосно да ги покрие Градот. Паркот требаше да биде завршен во 2018 година.

943
Фото: Слободен печат

Заклучена врата, напуштена сцена како од хорор филм, рушевини, е сликата на местото од скопскиот Луна парк. Она што некогаш беше место за забава на најмладите, но и за нивните родители, сега е само сеќавање.

Градските власти, актуелните и поранешните, неколку пати најавуваа дека скопјани ќе добијат нов Луна парк, но сето тоа остана само на хартија.

Викендов во Градскиот парк сретнавме револтирани граѓани кои коментираа дека Скопје е единствена метропола без Луна парк.

– Срамота е ова што го прави Градот со Луна паркот. Се израдувавме кога Коце Трајанов најави и презентираше проект за нов Луна парк и сега сето тоа пропадна. Од Градот молчат и не кажуваат дали ќе се гради нов парк. Со години не лажат. Скопје како метропола заслужува да има еден модерен Луна парк – коментира една скопјанка.

Поранешниот градоначалник Коце Трајановски, со години ветуваше дека ќе изгради нов Луна парк, но Градот не успеа да најде инвеститор. Во 2017 година беше почната изградбата на новиот забавен парк кој беше предвиден да се гради во барок стил, а трошоците беше предвидено целосно да ги покрие Градот. Паркот требаше да биде завршен во 2018 година.

Сепак, тоа не се случи, бидејќи со доаѓањето на новиот градоначалник Петре Шилегов, проектот беше ставен во мирување, додека да се одлучи како ќе се продолжи изградбата на паркот.

Од Град Скопје велат дека работат на тоа Скопје да добие нов, модерен забавен парк.

„Новиот концепт ќе биде поинаков од досегашниот и работиме на тоа најмладите жители на Скопје повторно да имаат модерен, забавен парк. Изградбата на новиот забавен парк беше стопиран во првата фаза каде беше предвидена изградба на инфраструктура, неколку административни и помошни објекти, влезнo-излезна партија, тоалети и други придружни објекти, партерно и хортикултурно уредување“, велат од Град Скопје.

За новиот модерен парк се предвидени околу 80 милиони денари, од кои за изработка на проектот се предвидуваат 4 милиони денари, 26 милиони денари за набавка на реквизити и нивно монтирање и 50 милиони денари за изградба на паркот.

Сепак, конкретен одговор за времето на завршувањето на проектот не добивме и по се изгледа дека ќе помине уште една година како децата ќе останат без Луна парк.