Клинички центар ќе добие две нови монтажни гаражи

94

Советот на Град Скопје на денешната седница гласа за Одлуката за согласност на инвестиционата програма за 2019 година на јавното претпријатие Градски паркинг- Скопје. Во рамките на оваа програма Град Скопје преку ЈП Градски паркинг предвидува нови 1.500 паркинг места во градот во текот на оваа година.

Програмата предвидува изградба на две монтажни катни гаражи во рамките на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ со вредност од 50 милиони денари, со што капацитетот на ова паркиралиште предвидено е да се зголеми за дополнителни 350 паркинг места. Едната катна гаража предвидено е да биде изградена во непосредна близина на Клиниката за гинекологија, а другата во непосредна близина на Клиниката за инфективни болести.

Со изградбата на овие две катни гаражи ќе се зголеми проточноста на возилата во кругот на Клинички центар што во најголем дел се возила во сопственост на вработените. Со тоа ќе се намали сообраќајниот метеж кој подолг период се создаваше и го нарушуваше редовното функционирање на Клиничкиот центар. На тој начин се излегува во пресрет, пред се, на потребите на пациентите кои ги користат услугите на Клиничкиот центар, а секако се излегува во пресрет и на дел од барањата на вработените на Клиничкиот центар, како и на студентите и наставниот кадар на Факултетот за медицина.

Град Скопје работи и на унапредување на ценовната политика на јавните паркиралишта во градот согласно со праксата во европските градови со слична големина како нашиот град. Целта е да се усогласи ценовната политика на сите претпријатија во градот кои се занимаваат со оваа дејност на начин што ќе се демотивира движењето и паркирањето на возила во централното градско подрачје, особено во строгиот центар на градот со цел намалување на сообраќајниот метеж што се создава таму, стои во соопштението од Град Скопје.