Извидниците во акција за чистење на Скопје

82

Под мотото „Се грижам за Скопје” Извидничко-поречанскиот одред „Галеб” (ИПО Галеб) денеска во Скопје спроведе акција за чистење во соработка со ЈП „Паркови и зеленило”, Сојузот на извидници на Македонија и извидниците од Европа.

Целта на акцијата е, посочуваат, да ги инспирираат жителите да направат добро и значајно дело за својот град и да придонесат за подигање на свеста за проблемот со загадувањето.

-Во последните години загаденоста во Скопје претставува проблем којшто значително влијае на здравјето на жителите на градот, но и на глобалното затоплување. Еден од главните начини за решавање на овој проблем е едукацијата на граѓаните, а особено на децата и младите, за личната одговорност, односно придонесот во намалувањето на загадувањето. Затоа извидниците преку превземање акции од ваков тип и инспирање на граѓаните сакаат да придонесат за подигнување на свеста и да дадат личен придонес во решавање на проблемот, велат од Извидничкиот одред Галеб.

Во акцијата за чистење се вклучија 25 извидници од ИПО Галеб и 15 извидници од Белгија, Шпанија, Данска, Германија и Велика Британија, кои чистеа на потег од хотел „Континентал” до Железничката станица и притоа собра 14 вреќи најразличен отпад. Тие се дел од двестате извидници, кои што оваа недела учествуваат на „Извидничка академија” – најголемиот едукативен настан што секоја година се организира од страна на Европскиот извиднички регион на WOSM (World organization of Scout Movement) и WAGGGS (World Association of Girl Guides and Girl Scouts).