Изменет сообраќаен режим на 11 ноември поради две манифестации во Скопје

Од „Фонтана“ до „Рузвелтова“ сообраќајот ќе биде во прекин од 11.45 до 12.10 часот.

58

На 11 ноември сообраќајот во Скопје во два наврата ќе се одвива според привремен сообраќаен режим, поради две манифестации.

Првата е од 12 до 12.30 часот, кога ќе се одвива велосипедското дефиле по повод „Скопје на точак 2018“.

Возењето велосипед ќе се одвива по бул. Илинден, од фонтаната „Лотосов цвет“ до крстосницата со ул. Љубљанска (кај ТЦ „Скопје Сити Мол“), потоа по ул. Љубљанска и ул. Московска (студентски дом „Гоце Делчев“). Возењето понатаму продолжува по бул. Митрополит Теодосиј Гологанов, преку ул. Димитрие Чуповски и ул. 11 Октомври, до крстосницата со бул. Кочо Рацин. Караванот продолжува по бул. Кочо Рацин, бул. Крсте Петков Мисирков, кај ТЦ „Мавровка“ продолжува по бул. Гоце Делчев и завршува на бул. Илинден кај фонтаната „Лотосов цвет“ во Градски парк.

Од „Фонтана“ до „Рузвелтова“ сообраќајот ќе биде во прекин од 11.45 до 12.10 часот.

Во истиот период автобусите со број 8 и 15А ќе се движат по булеварот Партизански одреди, до крстосницата со „Рузвелтова“, од каде продолжуваат по вообичаената траса.

Вториот настан во недела е одржувањето на атлетска трка „13 Ноември“, поради која ќе се затворат неколку сообраќајници во централното градско подрачје во периодот од 15 до 16 часот. Трката ќе се одвива по следната траса: улица Филип Втори Македонски од хотел „Холидеј Ин“ до крстосницата со ул. 11 Октомври, по улиците 11 Октомври и Димитрие Чуповски до крстосницата со улица Даме Груев (кај ТЦ „Палома Бјанка“).