Градоначалникот Саша Богдановиќ подели 150 пакети со основни животни намирници на социјално загрозени семејства

Акцијата, која има за цел помош и поддршка на социјално загрозени семејства веќе трет месец се спроведува во рамките на проектот „НулаГлад“

57

Денеска, Градоначалникот Саша Богдановиќ заедно со колегите од општинската администрација подели 150 пакети со основни животни намирници на семејства со висок социјален ризик кои живеат на територијата на Општина Центар. Пакетите се состојат од храна и средства за лична хигиена, а акцијата се спроведе пред управната зграда на ЈП ПОЦ.

Акцијата, која има за цел помош и поддршка на социјално загрозени семејства веќе трет месец се спроведува во рамките на проектот „НулаГлад“ кој Општина Центар го реализира во соработка со невладината организација „Банка за Храна“. Проектот продолжува да се реализира секој месец, во текот на цела 2019 година, а преку него општината ќе даде свој придонес во справувањето со сиромаштијата и гладта.

Овој проект, Општина Центар и здружението „Банка за Храна“ го реализираат со поддршка на маркетите: Рамстор, Кам, Веро, Тинекс, Жито Маркети, Стокомак, Гранап и Кит Го кои редовно ги обезбедуваат потребните намирници.

На почетокот на проектот, градоначалникот Богдановиќ ги потенцираше загрижувачките податоци за семејства кои го минуваат денот со само еден оброк и испрати апел и до другите компании, институции и граѓани да бидат општествено одговорни и да се приклучат кон акцијата, со цел колку што е можно повеќе да им го олеснат животот на социјално загрозените семејства.  

Организацијата „Банка за храна“ – Македонија е непрофитна, добротворна, хуманитарна организација чија главна дејност е собирање на прехранбени продукти и други основни животни намирници, нивно складирање, сортирање и дистрибуција до сиромашните и социјално загрозените категории со посредство на хуманитарните организации, социјалните установи и институции кои исто така помагаат и се вклучени во борбата против сиромаштијата и гладта.