Градоначалникот Богоев бара разбирање од родителите и учениците – Доставата на храна доцни поради законски процедури

Општина Карпош постапува согласно препораките од Извештајот на Државниот завод за ревизија во врска со обезбедувањето на храна во дел од училиштата во Карпош, за кои беа евидентирани пропусти. Штом завршат законски предвидените процедури и рокови, ќе биде избран добавувачот на храна, вели Богоев.

138

Децата кои посетуваат целодневна настава во основните училишта „Христијан Тодоровски Карпош“, „Вера Циривири Трена“ и „Јан Амос Коменски“ во Општина Карпош ќе добијат храна кога ќе завршат законските процедури за избор на добавувач. Градоначалникот Стефан Богоев побара разбирање од учениците и родителите додека траат законските постапки.

– Општина Карпош постапува согласно препораките од Извештајот на Државниот завод за ревизија во врска со обезбедувањето на храна во дел од училиштата во Карпош, за кои беа евидентирани пропусти. Штом завршат законски предвидените процедури и рокови, ќе биде избран добавувачот на храна. Нашата намера е да се обезбеди квалитетна и здрава храна за учениците во основното образование и нема да отстапиме од оваа цел. Секако, во изборот на добавувачот на храна задолжително се почитуваат законски предвидените услови и критериуми – вели Богоев и додава дека се надева на разбирање од страна на учениците и родителите.

Родители на учениците од целодневна настава во трите основните училишта се незадоволни поради тоа што нема храна. Оние со кои разговаравме велат дека во училиштето им било кажано дека договорот со претходниот добавувач е истечен, а дека сега е во тек тендер за избор на нов добавувач . Поради тоа, родителите се принудени да им носат храна на децата од дома или, тие што се во можност, да ги земаат децата порано од училиште, а не во 15 часот. Проблемот е најголем со првачињата, затоа што родителите што работат не можат да ги земат порано од училиште, а тие се се уште мали за сами да се вратат од училиште и да останат дома.